Папата: Насилството врз жените е „речиси сатански проблем“

Папата: Насилството врз жените е „речиси сатански проблем“

Италијанската комерцијална телевизија Медијасет, во склоп на специјална емисија емитувана во недела 19 декември 2021 година, објави разговор на папата Фрањо и четири лица од маргините на општеството: жена, која сведочи за семејното насилство, бездомничка, млада извидничка и поранешен затвореник. Во разговорот Папата се осврна на теми како што се злоупотребата на жените во семејниот дом, пандемијата Ковид, сиромаштијата, лихварството, славењето на Божиќ, условите во затворите …

Папата Фрањо разговараше во домот Света Марта пред камерите на Медијасет со четири лица кои беа опишани како „невидливи“ за општеството, често заборавени и маргинализирани, соочени со големи тешкотии и предизвици во животот. Во разговорот учествуваа Џована, невработена мајка која се бори со семејно насилство; Марија, бездомничка; Маристела, осумнаесетгодишна извидничка која во пандемија ја загуби радоста во животот, карактеристична за младоста; и Пиердонато, поранешен затвореник кој поминал 25 години во затвор.

„Бројот на жени кои се тепани и малтретирани дома, дури и од страна на нивните сопрузи, е многу голем. Тој проблем е речиси сатански за мене“. Злоупотребата „е искористување на слабоста на некој што не може да се одбрани“, рече Светиот Отец во разговорот.

На прашањето како да се врати достоинството, тој одговори: „Тоа е понижувачко, многу понижувачко. Понижувачки е кога татко или мајка ќе му удри шамар на детето, многу е понижувачко и секогаш велам, никогаш немој да му удираш шамар на некој. Зошто? Затоа што лицето претставува достоинство. Би сакал да го повторам тоа, бидејќи твоето прашање се крие во позадина: останува ли достоинството во мене? Какво е моето достоинство после сето ова, какво е достоинството на претепаните, малтретираните жени? Пред очи ми доаѓа скулптурата Pietà, која се наоѓа во базиликата од десната страна. Богородица понижена пред својот гол син, распнат, кој беше злосторник во очите на сите, но таа е мајката. што го воспитала, понижена до крај. Но, таа не го изгуби своето достоинство и гледајќи ја оваа слика во тешките моменти како што е тој момент на твоето понижување и кога чувствуваш дека го губиш своето достоинство, гледањето на таа слика ни дава сила… Гледај ја Богородица, пред очи нека ти биди таа слика на храброст.

Бездомничката Марија, праша зошто општеството е толку сурово кон сиромашните, Папата ѝ рече: „Зборуваш за суровост, вистина е, тоа е најтешката шлаканица на општеството кон вас, да го игнорираш проблемот на другите.“ Влегуваме во култура на рамнодушност, кога се обидуваме да побегнеме од вистинските проблеми, од болките поради недостаток на станбен простор, поради недостаток на работа. И уште повеќе, проблемите со оваа пандемија се зголемени затоа што на врата тропаат оние кои нудат пари со лихварски камати – лихвари. Сиромавиот, во неволја, паѓа во рацете на лихварите и губи сѐ, затоа што тие не простуваат. Тоа е суровост над суровоста, ова го велам за да ги предупредам луѓето да не бидат наивни; позајмувањето од лихвар не е излез од проблемот, лихвата ти носи само нови проблеми“.

Поранешниот затвореник Пиердонато го праша Папата дали има надеж за оние кои сакаат промени. Папата Фрањо одговори со реченица од Библијата: „Надежта никогаш не разочарува“. И додаде: „Има едно дело што навистина ми се допаѓа, а кое го кажува спротивното: во Турандот се вели дека надежта е секогаш разочарувачка. Напротив, ви велам: надежта никогаш не разочарува. Бог постои, не е некаде далеку во вселената, туку Бог е покрај тебе, затоа што Божјиот стил е близина, сочувство и нежност… Бог е со секој затвореник, со секој човек што ќе падне во некоја тешкотија… Ти тоа не го кажуваш, но во длабочината на срцето знаеш дека ти е простено и дека ја имаш таа надеж што не разочарува… Затоа можам да ти кажам една работа: Бог секогаш простува, Бог секогаш простува… Нашата сила е да ја положиме надежта во таа близина, сочувствителениот Бог и нежен, нежен како мајка“. Папата во разговорот предупреди и за проблемот со пренатрупаноста во затворите и повтори дека Црквата ја осудува смртната казна.

Маристела постави прашање на Папата за последиците од Ковид врз младите и праша како да создаде здрав однос составен од контакти и искуства. Папата ѝ одговори: „За време на изолацијата, немаше контакт со пријателите, со семејството затоа што не можеше да излезеш, а можеби и училиштето беше затворено. Ни треба контакт, контакт лице в лице, но сме во искушение да се изолираме со други методи, на пример контактирање со другите само преку мобилен телефон, воспоставување пријателства преку мобилен телефон, недостаток на конкретен дијалог. Од оваа ситуација научивме дека конкретниот дијалог не може да се компензира со онлајн дијалог, дека има нешто повеќе“.

„Ковид нè доведе сите во криза“, рече Папата, едната работа од кризата е да се биде огорчен, а огорченоста често води до тоа еднаш засекогаш да се расчисти со сѐ. Со кризата многу се зголеми бројот на самоубиства… Кризата е отворена, конфликтот те затвора, не гледаш излез од конфликтот. Гледам дека се бориш да излезеш подобра од кризата, не се откажа, не дозволи да бидеш поразена и тоа е голема работа, лекција за отпор кон неволјите…“.

Зборувајќи за навиката на децата и младите постојано да пребаруваат на Интернет преку своите паметни телефони, Папата додаде: „Ако сакате да користите мобилен телефон, користете го, но не дозволувајте да ви го одземе контактот со луѓето, директниот контакт, контактото одење заедно на училиште, на шетање, заедничко одење на кафе, вистински контакт, не виртуелен. Затоа што ако го запоставиме вистинскиот контакт, и ние ќе станеме непостојани, неконзистентни, секогаш онлајн, а на онлајн личноста и недостасува нежност“.

На Марија, која праша што може да се направи за да се отворат срцата на луѓето за сиромашните, Папата одговори: „Кога ќе ги погледнете сиромашните во лице, вашето срце се менува затоа што стигнало до „светата тајна на сиромашните“,велиме „света тајна“. “ – затоа што погледот на сиромашниот човек те менува. Оваа култура на отфрлање не ги погодува само сиромашните, луѓето во неволја: колку пати во семејството постои реалноста на отфрлање на старите лица, отфрлање на бабите и дедовците… кога автоматски барате пензионерски дом на одредена возраст за да се сместат постарите, бабите и дедовците… Да се ослободиме од она што не го сакаме, а тоа понекогаш се случува од самиот почеток на животот (…) И така општеството кога ќе се разболи почнува да ги отфрла сиромашните. Но, тоа е нешто против што мора да се бориме“.

На крајот, Папата директно им се обрати на присутните и праша: „Што мислите за Божиќ? Дека треба да излезете да купите ова или она… Добро, но што е Божиќ? Дали е тоа елка? Фигура на дете со жена и маж до неа? Божиќ, тоа е Исус, тоа е раѓањето на Исус, застанете за момент и помислете на Божиќ како порака за мир. Ви посакувам Божиќ со Исус, вистински Божиќ. Дали тоа значи дека не можеме да јадеме? Дека не можеме да славиме? Не, славете, јадете, но правете го тоа со Исус, односно со мир во срцето. И на сите кои ме слушате, ви посакувам среќен Божиќ. Славете, дарувајте си еден на друг, но не заборавајте го Исуса. Божиќ е Исус кој доаѓа, Исус доаѓа да го допре твоето срце, Исус доаѓа да го допре твоето семејство, доаѓа кај тебе, во твојот дом, во твоето срце, во твојот живот. Лесно е да се живее со Исус, тој нè почитува, но не заборавајте го. Среќен Божиќ на сите. И молете се за мене!“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот