Државниот секретар на Светиот Престол кардинал Пиетро Паролин пристигна во Македонија
На 17 март 2016 година во касните вечерни часови државниот секретар на Светиот Престол кардинал Пиетро Паролин пристигна со лет на Алиталиа на аеродромот „Александар Македонски“ во Скопје.
Државниот секретар, кардиналот Паролин го пречека Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. Киро Стојанов, Апостолскиот нунциј монс. Анселмо Гвидо Пекорари, скопскиот парох и декан дон Давор Топиќ, амбасадорот на Р. Македонија при Светиот Престол Звонимир Јанкуловски, и на претставниците на цивилните власти. Потоа кардиналот, со полицијска придружба се упати кон бискупската резиденција.
Државниот секретар Паролин за време на посетата на Република Македонија ќе се сретне со верниците од Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија, а ќе оствари средби и со државниот врв.
Посетата на државниот секретар на Ватикан, кардинал Пиетро Паролин на Македонија е резултат на добрите билатерални односи и соработка помеѓу Светиот Престол и Република Македонија и воедно тој е највисок преставник на Светиот Отец кој ја посетил Република Македонија.
к.мк