Денес славејќи го првоповиканиот апостол Андреј, не можеме, а да не го поврземе со неговиот брат Петар. Андреј и Петар, рибари од Витсаида, браќа кои го следат Христос, двајцата умрени на крст, едниот со главата надолу, а другиот на т.н. Андреев крст, односно крст во форма на буквата Х. Браќа кои оставиле длабоки корени во навестувањето и историјата на Црквата.
За нивни наследници според традицијата на Црквата денес се сметаат црковните великодостојници од Рим и Цариград, односно за наследник на свети Петар се смета римскиот епископ, а за наследник на свети Андреј цариградскиот патријарх. Токму така, овие две Цркви се братски, сестрински.
Оваа прилика би сакал да ја искористам за да потсетам на историската средба помеѓу цариградскиот патријарх Атенагора Први и папата Павле Шести во Ерусалим на 25 јули 1964 година, а потоа се повлечени булите за екскомуникација. Со тоа е започнат дијалогот за надминување на разликите и унапредување на меѓусебната соработка. Поминале 910 години, скоро еден милениум како наследниците на свети Петар и Андреј се немале сретнато. Затоа таа средба ја нарекуваме и историска.
Па така црковните великодостојници од Исток и Запад не чекаа уште 910 години за да се случи следната средба. Сакам да ја истакнам востановената пракса секоја година на празникот свети Петар цариградскиот патријарх испраќа својата делегација во Рим, а истото се случува и за празникот на свети Андреј кога пак Католичката црква испраќа своја делегација во Цариград.
Затоа што цариградската Црква празнувањето на светците ги чествува според грегоријанскиот календар, во таа прилика на 30 ноември 2019 година Светиот Отец, папата Фрањо упати честитка до вселенскиот патријарх Вартоломеј во која се вели: „Да продолжиме со нашата посветеност да работиме за да го вратиме полното единство меѓу христијаните од Исток и Запад. Се придружувам на молитвата на Црквата во Цариград за одбележување на празникот на нејзиниот заштитник апостол Андреј, првоповиканиот, кој го следи Исус заедно со својот брат Петар“.
Папата истакнува дека „односите меѓу двете цркви се темелат главно на искрените гестови на взаемно уважување и почит, кои се плод на Светиот Дух и се белег на вистински христијански живот. Нашата близина секој пат расте и се засилува, кога се потсетуваме на едното Крштение во кое сме обновени, едната вера, која оживува и единиот Свет Дух кој нè води, да се молиме еден за друг и да се молиме заедно како браќа“.
На крајот папата Фрањо истакнува дека „нашите врски созреваат кога во служба на посланието на Воскреснатиот Христос, го шириме евангелието на сите луѓе, лекувајќи ги болните; кога католиците и православните работат заедно за да ја навестат Радосната вест и да им служат на оние во потреба“.
За крај ќе потсетам на заедничката декларација на папата Фрањо и Вселенскиот патријарх Вартоломеј Први потпишана во Ерусалим при нивната средба на 25 мај 2014 година во која меѓу другото се вели: „Со заеднички намери, потсетувајќи на примерот на папата Павле VI и патријархот Атенагора пред педесет години тука, во Ерусалим, упатуваме апел до христијаните, до верниците од другите религиозни традиции и сите луѓе со добра волја, да станат свесни за овој итен момент, кој нè повикува да бараме помирување и единство на човечкото семејство, почитувајќи ги легитимните разлики за доброто на целото човештво и идните генерации.
Па ако наследниците на Петар и Андреј, кои се пронижени со духот Христов и си укажуваат взаемна почит, да го молиме Господа со истиот тој дух да бидеме пронижени и ние во нашата Македонија, каде што живеат заедно католици, православни и други христијани.
о. Гоце Костов