Безгрешно зачнување на Пресвета Богорoдица

Безгрешно зачнување на Пресвета Богорoдица

Безгрешното зачнување на Пресвета Богородица е католичка догма, која со единствена Божја привилегија толкува дека Пресвета Богородица е сочувана од секоја дамка на источниот грев од моментот на нејзиното зачнување. Исто така, Марија беше полна со благодат добиена од Бога и нејзиниот живот го живеела без грев. Верата во безгрешното зачнување ни открива дека Бог не доаѓа кон нас, првенствено да го уништи гревот, туку да ни ја покаже неговата љубов и да нé охрабри да се сакаме едни со други.

Бог, преку оние кои безусловно љубат, директно го уништува гревот во овој свет. Да бидеме инструменти на Божјата љубов, да бидеме оние кои со љубов ќе го победуваат гревот, а во тоа нека ни помогнат Бог и безгрешно зачнатата Марија.

(…) Кога станува збор за безгрешното зачнување, зборуваме за еден прекрасен феномен во Црквата наречена „Сенус Фиделиум (чувство на верните)“. Бог зборува преку целата заедница на верниците. Затоа оваа догма Црквата ја прогласи за многу важна.

Честопати, во различните текстови за денешниот празник, се среќаваме со тврдења дека многу верници ги збунува името на празникот, составено од двата збора: „безгрешно” и „зачнување”.

Зачнувањето на новиот човек е чудесен настан, цркoвно би кажале дека е момент на човечка соработка со Бог во создавањето на ново битие, величенствен момент.

Безгрешноста и гревот се, јасно, крајни спротивности, две инкопитабилни вистини.

Луѓето не се безгрешни туку, напротив сите се грешни; со право велиме дека „сите луѓе се грешни”, но исто така е важно да правиме разлика. Едно е личниот грев што секој возрасен и ментално нормален човек може да го направи, а друго е – како што вели црковната доктрина – наследниот, прародителскиот или како што е најпознато наречен, источниот грев со кој – според учењето на Цркавата – човекот се раѓа.

Човекот не е виновен за овој прародителски или источен грев, бидејќи овој прв грев „произлегува“ од првиот човечки пар, од „Адам и Ева” и секој нов човек го наследува во времето на неговото зачнување. Според науката на Црквата, овој „источен” грев се отстранува, „се бриши” –  со светото Крштение.

Бог ја сочувал Марија од „источниот грев” уште во утробата на нејзината мајка Ана, бидејќи однапред ја избрал за мајка на Исус Христос. Станува збор, всушност, за една духовна реалност, да речеме, таинство на верата. Блажната Дева Марија е сочувана од секоја дамка на источниот грев од моментот на нејзиното зачнување. Исто така, Марија беше полна со благодат добиена од Бога и нејзиниот живот го живеела без грев.

Кога Архангел Гаврил ѝ го навести планот Божји дека ќе биде Мајка на Спасителот, која што пророците ја навестиле, ја поздравил: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе!” Таа – безгрешна – понизна Божја слугинка, одговорила: „Еве ме, слугинката на Господа, нека ми биде по зборовите твои!” (Лука 1,28 – 38). Послушноста на Марија ја поправува непослушноста на Ева.

Верата во Безгрешното зачнување ни открива дека Бог не доаѓа кон нас првенствено да го уништи гревот, туку да ни ја покаже неговата љубов и да нé охрабри да се сакаме едни со други. А оваа љубов самата по себе го уништува гревот.

Лаудато/Стефанија Ристова

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот