Слово за живот, октомври 2016

Слово за живот, октомври 2016

„Прости му ја навредата на ближниот твој и тогаш, откако се помолиш, гревовите твои простени ќе бидат (Сир 28,2).“

Во општество исполнето со насилство, како ова во кое живееме, тешко е соочувањето со темата на проштевањето. Како да му се прости на оној кој го растурил семејството, на оној кој направил тешки кривични дела или едноставно кажано, грубо лично нè навредил, уништувајќи ни ја кариерата изигрувајќи ја нашата доверба?

Првата наша спонтана реакција е одмаздата, враќање на злото со зло, при што се создава спирала на омраза и насилство која потоа се шири во општеството. Друга реакција е прекинување на секоја врска, негување на омраза и пркос, чувства што ги загорчуваат и ги трујат односите.

Словото Божјо решително соочено со различни судири нуди недвосмислено најтешко и најхрабро решение: проштевањето.

Овој пат повикот ни доаѓа од древниот израелски мудрец Бен Сир. Тој напомнува дека е бесмислено од Бога да бара прошка оној кој самиот не умее да прости. „Кому [Бог] му ги проштева гревовите?“, читаме во древниот текст на еврејското предание. „На оној кој и самиот знае да прости“[1]. Истото го учеше Исус во молитвата која му ја упатуваме на Отецот:„Оче…прости ни ги гревовите наши како што и ние им ги проштеваме на грешниците наши“.[2]

Исто така грешиме и секогаш кога би сакале да примиме прошка! Се молиме и се надеваме дека ќе ни се даде можност да почнеме одново, дека другите имаат сè уште доверба во нас. Ако тоа важи за нас, не важи ли тоа и за другите? Зарем не мора да ги љубиме ближните како самите себе?

Во нашето сфаќање на Словото за живот ние и натаму се инспирираме од она што ни го остави Кјара Лубик. Таа вака го коментира повикот за простување: „Тоа не е заборавање, што често значи несакање да се гледа вистината в лице. Простувањето не е слабост, односно тоа не е гледање на неправдата од страв од појакиот што ја направил. Простувањето не значи да се тврди дека не е важно она што е лошо или дека е добро она што е зло. Простувањето не е рамнодушност. Простувањето е чин на волја и на разум и заради тоа е чин на слобода, а се состои во прифаќањето на братот онаков каков што е тој, иако тој ни нанел болка, како што Бог не прифаќа нас грешниците без оглед на нашите недостатоци. Простувањето се состои во тоа на навредата да не одговараме со навреда, туку да го правиме она што го вели Павле „не допуштај злото да те победи, туку победи го злото со добро.“[3]

Да се прости значи да се отвори можност за нов однос со оној кој те повредил, заради тоа дај си себе но и нему можност за нов живот и на тој начин создади иднина во која злото нема да има последен збор.“

Словото за животот ќе ни помогне да се спротивставиме на искушението да одговориме со иста мера, да возвратиме за претрпеното зло. Ќе ни помогне да го видиме “непријателот “ со нови очи, во него да препознаеме брат, понекогаш непримерен, но на кој нечија љубов треба да му помогне тој да се промени. Ќе биде тоа наша „одмазда на љубовта“.

„Ќе кажеш: Па тоа е тешко“, продолжува Кјара во својот коментар.“Се разбира. Но во тоа е убавината на христијанството. Зарем не си следбеник на Бога кој умирајќи на крстот, од Отецот барал прошка за оние кои го предале на смрт? Храбро! Започни да живееш! Ти гарантирам мир каков што уште не си доживеал како и радост која досега ти била непозната.“

Фабио Чиjарди/к.мк

 Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

[1] Сп. Talmud babilonese, Megillah 28a.

[2] Мт 6, 12.

[3] Рим 12, 21.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот