Седев на клупата во паркот кога до мене дојде таа. Девојчето со сини очи, руса коса, на свои 6 или 7 години, не сум сигурна. Во едната рака држеше плишено мече, а во другата рака ми даваше цвет кој штотуку го беше набрала.
Во близина мајките и татковците ги водеа свои дискусии за возрасни, девојчињата во близина нешто си шепотеа меѓу себе, еден дедо читаше весник, децата си играа во песокот, се спуштаа низ тобоганот, но сепак, нејзе прва ја забележав штом пристигнав во паркот. Токму неа. Од сите тие луѓе. Можеби ме потсетуваше на некој мој. Можеби таа прва погледна во мене, па не размислувајќи и јас и возвратив со поглед. А можеби единствената причина зошто токму таа ми падна во око, тоа што таа не беше сама. Не, никако. Беше со својата мајка или татко, секако. Но со нејзе беше и уште некој кој верно го придружуваше секој нејзин чекор. Некој кој не ја оставаше на мир никогаш. Тоа беше нејзиниот симпатичен пријател Даун (Down). Верувам дека сте слушнале за него. Сите се слушнале за него, само што сите не се сретнале со него.
Нејзината рака и понатаму стоеше испружена додека јас за момент залутав во мислите малко подалеку. Се тргнав и го зедов цветот. Го доближив до носот и го помирисав.
Прееекрасен е! Прекрасно мириса! Многу ти благодарам. Ќе го ставам во најубавата вазна кога ќе си дојдам дома. Многу е прекрасен…
Се насмевна. Помалку и се засрами.
Како се викаш? – ја прашав.
Мила – ми одговори тивко.
А убаво. Навистина си мила, знаеш? Мила и драга. Еве ќе го ставам цветот во ташна. Сакаш ли да си играш? Каде се твоите пријатели?
Таму. Но не сакаат да си играат со мене. Не знам зошто. Мислат дека сум мала и слаба и дека не го можам тоа што тие го можат. А можам. Ми велат дека сум болна само затоа што го имам Даун, а јас не сфаќам како можам да бидам послаба од нив ако имам нешто што тие го немаат. Напротив посилна сум од нив. Но не зборуваат така само тие, слушам и од возрасните дека така зборуваат. А јас не сакам кога зборуваат лошо за него.
Ме шокираше со својот одговор. За момент не можев да се снајдам. Беше во право… Даун во нејзините очи не беше непријател. Напротив, беше нејзиниот пријател, нејзината сила, поддршка. Во нашите очи тој Даун е ужасно создание кој не ѝ дозволува да има нормален живот. Да си игра, да расте и да се весели како нормалните деца. Но нашите очи честопати погрешно гледаат.
Сигурно дека си посилна и поголема. Вие сте двајца. Тие се само едно. Ти го имаш својот Даун, тој ти е како плишаното мече за кое што мораш да се грижиш. Добрата работа е што не можеш никогаш да го заборавиш затоа што тој те придружува. Но, барем никогаш не си сама. И знаеш, тој Даун, тој е многу симпатичен. Мене ми се допаѓа тој твој пријател. Можеме сите тројца да си играме ако сакаш.
Ми се насмевна и брзо дотрча по топката. Нејзината насмевка заѕвони како гласен ангел. Можеше да се слушне на сите страни. Се спушташе одозгора. Во неа беше сокриен ангел. Крилата на нејзиниот грб можеа да ги видат само оние кои со срцето можеа да го видат нејзиниот пријател Даун кој што ја придржува. Само оние кои што го прифатиле и засакале тој ист Даун во неа, можеа да ја сфатат нејзината големина и вредност. Можеа да сфатат колкава е неговата големина и вредност. Тој ист Даун ја подготвувал за нешто големо. Тој ѝ чуваше место за игра на едно друго место. Таа знаеше кое. Таа знаеше многу повеќе отколку што знаеме ние нормалните, обични и здрави луѓе.
Но полека сфаќав…
Постојат некои луѓе како Мила.
Други. Посебни. Поискрени..
Со огромно срце. Срце какво што ниту ти, ниту јас не носиме во своите гради. Со убавина во себе со каква што ниту ти, ниту јас никогаш ќе не можеме да блеснеме однадвор. Постојат. Но светот ги сокрива. Не ги сака. Му пречат. Се сокриени. Не ги живеат неговите површни критериуми за култот на убавината и паметот. Ограничени се. Им треба помош. Им треба штака да чекорат низ животот. Им требаме ние.
Не, не им требаме ние на нив. Тие ни требаат на нас! На нас ни е потребна помош. Ние сме ограничени. Ние сме ограничени со земските размислувања и погледи. На нас ни треба штака затоа што сме емотивни инвалиди. Ние сме слепи затоа што не гледаме со срцето. Ние лазиме затоа што не го креваме погледот понатаму од себе. А тие? Тие веќе уште одамна ги добиле своите крила.
И кои сме ние да ги учиме како да живеат, кога они се тие коио цело време нѐ учат како да љубиме?
Магдалена Марџетко/Млади католици/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк