Дали имаме носталгија за Бог?
Радоста во Господ е наша сила; во Него го наоѓаме својот идентитет – рече Светиот Отец на светата Литургија на 1 октомври во домот Света Марта. Нагласи дека во христијанинот никогаш не треба да згасне носталгијата за Бог, бидејќи во спротивно нашето срце не може да Го слави.
Поттикнат од литургиските читања од Книга Неемија, книгата за враќањето на израелскиот народ во Ерусалим по прогонството, Папата размислуваше за сржта на христијанскиот идентитет.
Потсети како Евреите и во вавилонското ропство секогаш се сеќавале на својата татковина. По многу години сега со солзи и во радост го слушаат Божјото Слово во Ерусалим. Не само што го пронашле својот град, туку и го слушаат словото на Законот и го пронаоѓаат својот идентитет. Заради тоа народот бил радосен и плачел – рече Светиот Отец.
Плачел од радост, бидејќи го пронашол својот идентитет кој во прогонството помалку се изгубил. Во Господовата радост која е наша сила го наоѓаме својот идентитет. Тој се губи во одењето, во толку наши прогонства или отуѓувања кога градиме гнезда насекаде, а не во Господовиот дом, каде што го наоѓаме сопствениот идентитет – истакна Папата.
Кога ќе изгубиш нешто навистина свое како куќата тогаш чувствуваш носталгија која одново те враќа дома – рече Папата, додавајќи како токму тоа се случило со еврејскиот народ: носталгијата за сопствениот идентитет поттикнува одново да се пронајде. Тоа е Божја милост.
Ако ни е пријатно тогаш сме мирни таму каде што сме, немаме потреба да одиме на друго место – рече Папата додавајќи дека би било добро да се запрашаме: Дали сум спокоен, задоволен, без било каква духовна потреба во срцето? Дали мојата носталгија замрела? Срце без носталгија не познава радост, а радоста во Господ е наша сила, ако срцето не познава носталгија, не може да слави – рече Светиот Отец.
Израелскиот народ славел со голема радост, бидејќи ги сфатил зборовите кои му се навестени. Го пронашле она на кое носталгијата ги насочувала и ги поттикнувала да одат напред. Да се запрашаме имаме ли носталгија за Бог: дали сме задоволни, дали сме среќни такви какви што сме или пак секогаш сакаме да одиме напред? Нека Господ ни даде милост во нашето срце никогаш да не згасне носталгијата за Бог – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/Д.И.