Говор по повод свечената академија на Филозофскиот факултет во Скопје на проф. д-р Валентина Божиновска по повод Татковинската прослава „Денови на Света Мајка Тереза“
„Jас сум само еден мал молив во раката на Бога кој е со мисла да му напише љубовно писмо на светот“- рекла Мајка Тереза како скромен и длабоко симболичен одговор на пофалбите за нејзините дела. “Сите ние треба да се водиме од Бога, да станеме еден молив, пишувајќи го љубовното писмо на светот, ние, несовршените луѓе, треба да се препуштиме на големината на Бога, да не води, да нѐ ползува за да можеме да ја пренесеме неговата љубов во светот.”
И навистина,токму еден таков молив, кој што пишува љубовно писмо на светот беше светицата Мајка Тереза. Една силна и мудра, харизматична, а покорна личност, една капка чиста вода во која се огледа Божјата љубов. „Можеби капката вода ви се чини малку“, ќе рече таа, „ но без неа океанот би бил посиромашен за таа една капка. Тоа што јас можам да го направам, ти не можеш. Но, заедно можеме да направиме нешто прекрасно за Бога!“ Обединети во верата и љубовта од ситни капки можеме да станеме океан!
Светицата Мајка Тереза имаше длабока почит кон луѓето, кон нивната вера и религија. Со право американскиот претседател Роналд Реган во една реплика ќе рече дека таа е „икона на добриот самарјанин“, која се наведнува кон секој гладен, жеден, болен, осамен и сиромашен, нудејќи му ја својата помош, токму како во исусовата парабола. Едно такво светило на светот се роди во нашава, библиска Македонија, раскрсница на хуманоста и на духовниот мир на сите цивилизации. Нејзините роднокрајски корени се длабоко испреплетени со напатеноста, духовноста и истрајноста на овој народ и како такви вградени во духовниот код на човештвото. Од секој камен, од секој дел на Македонија зрачи надежта и пулсира светоста на Мајка Тереза. Посебно од Скопје, нејзиниот дом во кој таа го доживува своето полнолетство и во кој многупати ќе се навраќа исполнувајќи се со добрина, љубов и светост. Оттука, како сведок на многу воени пустошења и страдања од балканската крвава историја на почетокот од минатиот век, со огромна божествена сила и жед за божја љубов, ќе го започне својот митски поход на добрината и милосрдието. Заминува за мистичната Индија, од каде целиот свет ќе дознае за нејзината хуманост.
Врз формирањето на личноста на младата Гонџе силно влијание оставиле и посетите на македонските светилишта. Токму тука, на извориштето на животот, мајка Тереза за првпат ќе го слушне гласот на Бога и ќе ја доживее радоста која произлегува од божјиот повик да им помага на сиромашните. Истовремено и нескротлив копнеж да се биде некаде далеку, да се отпатува, да му се предаде на тој далечен свет топлината на своето срце, но и топлината и душата на градот покрај Вардар.
Во своето најрано детство, Гонџа Бојаџиу, или „Скопскиот цвет“, ќе ја почувствува правта од калдрмата на скопските сокаци во Влашко маало, и тој опоен мирис на детството ќе ја следи сиот нејзин живот. Католичката црква во Скопје која се наоѓаше во самиот центар на градот, во близината на Влашкото маало, ќе има исклучителна улога во животот на младата девојка, како поттик за нејзините први духовни занеси и возвишувања, за нејзините први мечтаења да замине во светот, и сиот свој живот да го посвети за доброто на другите. Сите светски градови ширум да и ги отворат своите порти. Таа успева, од овој наш противречен свет, да направи еден „Голем цвет“ на милосрдието и добрината.
Насекаде каде што одеше ширум светот, потсетуваше дека без разлика на која религија припаѓаме, ние мора да се молиме заедно. Будејќи ја оваа исконска внатрешна потреба, горливата желба луѓето да бидат блиску до Бога, таа ја будеше љубовта меѓу луѓето како плод на таа молитва. Секогаш велеше дека треба да му се помогне на Индусот да стане подобар Индус, на христијанинот да стане подобар христијанин, на муслиманот да стане подобар муслиман, на католикот да стане подобар католик. Посебно инсистираше дека токму децата и младите се тие кои мора да се учат на молитва, мора да го запознаат Бога, затоа што само така може правилно да се постават темелите на здравата личност: да сакаш и да бидеш сакан. Затоа што светоста, велеше таа, не се состои во правењето на ислучителни нешта, туку во правењето на мали нешта, но со голема љубов.
Канонизацијата на Мајка Тереза за светица која се случува во годината назначена од Папата Францис-Јубилеј на Милосрдието, е уште еден доказ дека таа е телесна и духовна икона на милоста. Изнедрена од библиската Македонија, земјата на светители и ангели, овоплотена од светиот дух, овој „ангел на милосрдието“ сега повторно се „враќа дома“ или кон Бога како што милуваше таа да каже. Небото не беше доволно за нејзината добрина, и испрати зраци кон земјата, која направи две големи чуда, исцели два човечки животи.
При една од посетите на Мајка Тереза во Скопје, непосредно пред нејзиното добивање на Нобеловата награда, бискупот Нике Прела, во својот поздравен говор ќе рече: „О ти Витлееме, не си најмал на светот, затоа што од тебе произлезе Оној, кој ќе се нарече Син на Големиот Бог. Имам право да речам-О, ти Скопје, познато по првиот земјотрес, но и по вториот кој го покрена Мајка Тереза; о ти народе, од кого произлезе оваа ќерка, веќе не си најмал на светот зашто неа целиот свет ја узна како Мајка Тереза!
Навистина, целиот свет ја позна светицата Мајка Тереза, а како и секој светец празнината и темнина која таа ја чувствуваше во душата беа радосниот крст на страданието, најубавиот дар од Бога. Само срцето кое е во темнина може да го види Бог, а оној кој помага, кој се жртвува, тој е син Божји, светец во темнина. Затоа, бесмртни ќе останат нејзините молитвени зборови: „Доброто што го правиш, утре ќе биде заборавено. Не е важно, биди искрен! Чесноста и искреноста ќе те направат ранлив. Не е важно, создавај!
Светот ја почуствува, препозна и призна големината на овој Ангел на хуманоста. И со право, светицата Мајка Тереза го завзеде овој престол, веднаш до Бога, да сее светлина од небото. Постојано да ни биде силен поттик да правиме не само добри дела, туку дела исполнети со голема љубов.
Животот е краток за кавги и негативна енергија , но и доволно долг за да си споделиме убавини и да се обединиме во добрите дела.
Проф. д-р Валентина Божиновска, Директор на Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи
Фотографијата е преземена од КОВЗ