Генерална аудиенција на Папата: Ако го уништуваме создаденото – тоа ќе нѐ уништи нас!
На катехезата за време на Генералната аудиенција, во среда 21 мај 2014, Светиот Отец на плоштадот Свети Петар зборуваше за дарот на знаење или спознание. Кога станува збор за знаењето веднаш помислуваме на способноста на човекот сѐ повеќе да ја запознае реалноста која го опкружува и да ги открива законите кои управуваат со вселената. Сепак, знаењето и спознанието кои доаѓаат од Светиот Дух, не се ограничени на човечкото познавање на нештата – рече Папата – тој е еден посебен дар кој преку создавањето нѐ води до препознавање на величенственоста и љубовта Божја и неговата длабока поврзаност со секое создание.
Кога Духот ќе ни ги просветли очите тие се отвораат за гледање на Бог во убавината на природата и во величенственоста на вселената и нѐ води кон откритието дека секое нешто всушност зборува за Него и за Неговата љубов. Сето тоа во нас разбудува големо чудење и едно длабоко чувство на благодарност! Такво искуство имаме и тогаш кога гледаме некое уметничко дело или било каков плод на човековата генијалност и творештво. Поради сето тоа Духот нѐ поттикнува да го славиме Господ од длабочината на своето срце и во сето тоа што го имаме и сме – да го признаеме непроценливиот Божји дар и знак на неговата бескрајна љубов кон нас.
Папата во продолжение кажа дека веќе на самиот почеток на Библијата се гледа како Бог се радува на созданијата. На крајот на секој ден на создавањето стои: И виде дека Бог е добро, а по создавањето на човекот стои: многу добро. Ако Бог гледа дека она создаденото е добро и убаво, тогаш и ние би требало да пристапуваме со такво гледање и создаденото да го гледаме како добро и убаво – рече Папата. Ете, за дарот на знаење кој прави да ја гледаме таа убавина, да му заблагодариме на Бог за тоа и поради таа убавина да го славиме. Во Божјите очи сме најубави и најдобри од сите созданија. Господ ни сака добро и за тоа треба да Му заблагодариме. Дарот на знаењето нѐ става во длабока согласност со Создателот и нѐ прави учесници во јаснотијата на Божјиот поглед и размислување.
Сето тоа е повод за ведрина и мир и од христијаните прави радосни Божји сведоци по примерот на свети Фрањо Асишки и многу светци кои знаеле да слават и пеат гледајќи го создаденото. Сепак, во исто време дарот на знаењето ни помага да не заземаме претерани или погрешни животни ставови. Првиот таков став се состои во ризикот себе си да се сметаме за господари на создаденото. Создаденото не е имот со кој смееме да располагаме како што сакаме – истакна Светиот Отец – ниту не е имот само во сопственост на некои и неколку. Создаденото е дар; чудесен дар кој Бог ни го даде да го чуваме и користиме за доброто на сите и секогаш со голема почит и благодарност.
Друг погрешен став е ако запреме на созданијата, како тие да можат да ги исполнат сите наши потреби и очекувања. По дарот на знаење, Духот ни помага во такво нешто да не паднеме. Да го злоупотребуваме создаденото, а да не го чуваме е погрешно. Создаденото или созданијата треба да ги чуваме затоа што тие се Господов дар кој ни е подарен и на кои ние сме чувари. Кога го уништвуваме создадено, го уништуваме знакот на Божјата љубов, а тоа е како да Му кажеме на Бог: Не ми се допаѓа, што секако не е добро – нагласи Светиот Отец.
Чувањето на создаденото всушност е чување на Божјиот дар и како да велиме: Ти благодарам; јас сум чувар на создаденото за тоа да напредува, но никогаш не би го уништил тој Твој дар. Овој нека биде нашиот став во односот кон создаденото: да го чуваме; бидејќи ако ние го уништуваме создаденото, тоа ќе нѐ уништи нас! – предупреди Папата.
Папата се сети како еднаш од еден едноставен човек кој многу сакал цвеќе и го одгледувал, го слушнал следното: Овие прекрасни работи кои Бог ни ги подари, треба да ги чуваме затоа што се создадени за нас за од нив да направиме добро; не да ги злоупотребиме, туку да ги чуваме, затоа што Бог секогаш простува, додека ние тоа го правиме понекогаш; но, создаденото никогаш не ти простува и – ако ти не го чуваш – ќе те уништи. Ова нека нѐ поттикне на размислување и на молитва до Светиот Дух за дарот на знаење, за да сфатиме дека она создаденото е најубавиот Божји дар. Он создал толку добри созданија , но најдобар меѓу нив е човекот.
Папата Фрањо потсети на жителите на Босна и Херцеговина и Србија кои се тешко погодени од поплави и одрони и повика да се моли за жртвите и за сите луѓе погодени од таа несреќа, но– посака – на нашите браќа да не и недостасува нашата солидарност и конкретна поддршка од меѓународната заедница и со верниците кратко се помоли.
Потоа Папата потсети дека во сабота е спомен на Блажена Дева Марија – помошничка на христијаните, која многу ја обожаваат во светилиштето Ше Шан во Шангај и ги повика присутните да се молат кинеските христијани под заштита на Мајката Помошничка да продолжат да веруваат, да се надеваат и да љубат и да бидат во секоја ситуација фактор за хармоничен соживот меѓу своите сограѓани.
Тој ден во Аверси за блажени ќе бидат прогласени Марио Вергара, свештеник во Папскиот институт за надворешни мисии и Исидор Ко Лат, катехист–лаик убиен од омраза кон христијанската вера во 1950 година во Бурма.
Во сабота ќе ја посетам Светата Земја, Исусовата татковина. Тоа ќе биде чисто верска посета: во прв план за да се сретнам со својот брат Вартоломеј I, за 50 годишнината од средбата на Павле VI и Атенагора I. Петар и Андреј ќе се сретнат уште еднаш, што е многу убаво – рече Папата. Другиот повод е молитва за мир во Светата Земја која многу трпи. Молете за ова посета – повика на крајот Светиот Отец.
РВ/Д.И.