На генералната аудиенција на 30 октомври, папата Фрањо ја продолжи серијата катехези посветени на делувањето на Светиот Дух во животот на Црквата, притоа обрнувајќи посебно внимание на Светата Тајна Миропомазание и нејзината улога во животот на христијанинот.
Во својот говор Папата ги потсети присутните дека „посветителното делување на Светиот Дух до нас стигнува главно преку два канала: Словото Божјо и Светите Тајни. А меѓу сите Свети Тајни има една која по дефиниција е Света Тајна на Светиот Дух, имено, миропомазанието“.
Помазанието на Светиот Дух во Новиот Завет
Папата истакна дека во Новиот завет, освен за крштение во вода, се спомнува и друг обред – полагањето раце со цел да се пренесе Светиот Дух на видлив и харизматичен начин и со последици слични на оние што ги доживеале апостолите, на денот на Педесетница.
Папата се задржа на делот што зборува за тоа во книгата Дела на светите апостоли, каде што се вели: „Кога чуја апостолите, што беа во Ерусалим, дека Самарија го примила словото Божјо, ги пратија кај нив Петра и Јована, кои, штом слегоа, се помолија за нив за да Го примат Духот Свети. Оти уште ниту на еден од нив не беше слегол Он, а само беа крстени во името на Господа Исуса. Тогаш полагаа над нив раце и тие Го примаа Духот Свети.“ (8,14-17).
Папата ги спомна и зборовите на свети Павле: „Бог е Оној, Кој нè утврди со вас во Христа и нè помаза; Он и нè запечати и ни даде залог на Духот во срцата наши.“ (2. Коринтјани 1,21-22). Овој пасус ја формира основата на учењето за „неизбришливиот печат“ што верниците го добиваат преку помазанието, објасни Светиот Отец.
Света Тајна на раст и сведочењето
Папата Фрањо рече дека со текот на времето обредот на миропомазание стана една од Светите Тајни, добивајќи различни форми и значења во различни епохи и во различни обреди. Зборувајќи за сфаќањето на миропомазанието во Католичката црква, Папата се осврна на Катехизмот за возрасни подготвен од Италијанската бискупска конференција. Таму читаме: „Помазанието е за верникот она што беше Педесетница за целата Црква […] Го зајакнува учеството на крштението во Христа и Црквата и ракополагањето за пророчко, царско и свештеничко послание. Го пренесува богатството на даровите на Светиот Дух. […] Додека крштението е Света Тајна на раѓањето, миропомазанието е Света Тајна на растењето. Поради оваа причина, тоа е и „Света Тајна на сведочење“, бидејќи е тесно поврзано со зрелоста на христијанскиот живот.
Миропомазанието треба да води до активно учество во животот на Црквата
„Проблемот е како да се направи така што Светата Тајна Миропомазание да не стане практично „последно миропомазание“, односно Светата Тајна на „збогување“ со Црквата. Велат дека миропомазанието е „Света Тајна на збогување“, бидејќи по примањето, младите се враќаат само за да ја примат Светата Тајна венчание“, рече Папата, повикувајќи миропомазанието наместо тоа да биде Света Тајна за „активно учество во животот на Црквата“.
Во тој контекст, Светиот Отец истакна дека во подготовката за миропомазанието може да помогне сведоштвото на верните миријани кои „доживеале лична средба со Христос и имале вистинско искуство на Светиот Дух“.
Да го носиме пламенот на Светиот Дух
Папата потсети дека „заедно со миропомазанието го примивме залогот“ на Духот, кој мора да се користи без „да се закопаат во земја примените харизми и таленти“.
Светиот Отец се осврна на повикот на свети Павле до Тимотеј на кого му вели „распали го Божјиот дар“. Тој објасни дека овој глагол предизвикува слика на лице кое дува во оган за да го зголеми неговиот пламен. „Еве добра цел за јубилејната година! Да ја фрлиме пепелта на удобноста и неактивноста, да станеме носители на пламенот на Светиот Дух, како факели на Олимпијадата. Светиот Дух нека ни помогне да направиме неколку чекори во тој правец!“, поттикна Папата на крајот од говорот.
Ватикан њуз/к.мк