На катехезата за време на Генералната аудиенција во среда 16 декември 2020 година папата Фрањо зборуваше за посредничката молитва. Катехезата ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри!
Оној кој се моли, никогаш не го свртува својот грб на светот. Ако во молитвата не се собрани радостите и тагите, надежите и вознемиреностите на човештвото таа станува „декоративна“ активност, површна, интинтимистична, чиста глума. Сите имаме потреба од внатрешност: повлекување во простор и време посветени на нашиот однос со Бог. Но тоа никако не значи да се бега од реалноста. Во молитвата Бог не „зема, благословува, а потоа нè прекршува и нѐ дава“ за да го изгасиме гладот на сите. Секој христијанин е повикан во Божјите раце да стане леб што се прекршува и се дели. Тоа е, конкретна молитва, која не е бегство.
Така, мажите и жените кои молат бараат осаменост и тишина, не за да не бидат вознемирени, туку за да можат подобро да го слушнат гласот на Бога. Понекогаш се повлекуваат од светот, во тајноста на нивната сопствена соба, како што препорача Исус (сп. Матеј 6,6), но каде и да се наоѓаат тие секогаш ја држат вратата на своето срце широко отворена: тоа се отворени врати на оние кои молат, а воопшто и да не свесни за тоа; за оние кои воопшто не молат, но носат во себе пригушен крик, скриена повик; за оние кои погрешиле и залутале од вистинскиот пат … Секој може да тропне на вратата на молителот и во него или неа да пронајде сочувствително срце кое се моли без да исклучи никого. Молитвата е нашето срце и наш глас и станува срце и глас за многу луѓе кои не знаат како да се молат или не се молат, или не сакаат да се молат или не се во можност да се молат: ние сме срцето и гласот на тие луѓе што пристапуваат кон Исус, кои доаѓаат кај Отецот, како посредници. Оној што сака да се моли се повлекува во осаменост – без разлика дали станува збор за долгорочна самотија или осаменост што не трае ниту половина час – се одделува од сè и од секого за да најде сè и секого во Бога. Така, молителот се моли за целиот свет, носејќи ги на рамењата болките и гревовите. Се моли за сè и за секого: како да е Божја „антена“ на овој свет. Секој сиромашен што тропа на вратата, во секој човек што ја изгубил смислата на сè, оној што се моли го гледа лицето на Христос.
Во Катехизмот пишува: „Да се застапува, да се бара нешто во корист на друг […] е својствено за срце кое е во согласност со Божјото милосрдие“ (бр. 2635). Тоа е преубаво. Кога се молиме, ние сме во согласност со Божјото милосрдие. Милосрдие за нашите гревови, зашто Тој е милостив кон нас, но исто така и милосрдие за сите оние што се обидува да се моли за нив, затоа што [за кого] сакаме да се молиме во согласност со Божјото срце. Тоа е вистинска молитва. Во согласност со Божјото милосрдие, со тоа милосрдно срце. „Во времето на Црквата, христијанското застапништво учествува во Христовото, затоа што Христос е застапник пред Отецот, се моли за нас и со својата молитва ги покажува на Отецот раните на своите раце; зашто Исус во телесен облик, со своето тело, стои пред Отецот. Исус е наш застапник, а да се моли значи малку да се наликува на Исус: Да влијаеме преку Исус кај Отецот за други. И тоа е многу убаво.
Во молитва при срце ни е човекот. Едноставно човекот. Оној што не го сака својот брат не се моли сериозно. Може да се каже: во духот на омраза не може да се моли; во духот на рамнодушноста не може да се моли. Молитвата е само ако се моли во духот на љубовта. Оној што не љуби се преправа дека моли односно мисли дека моли, но не моли, затоа што недостасува духот што е љубовта. Во Црквата, оние кои ја знаат тагата или радоста на другиот одат подлабоко од оние што паметуваат за „главните системи“. Затоа, во секоја молитва постои искуството на човекот, бидејќи луѓето, колку и да се во заблуда, никогаш не смеат да се отфрлат.
Кога верник, по поттикнување од Светиот Дух, се моли за грешниците, тој не бира, не донесува осудувачки пресуди: за сите се моли. А моли и за себе. Во тој момент, тој исто така е свесен дека не се разликува премногу од луѓето за кои се моли: тој се чувствува како грешник, меѓу грешниците и се моли за сите. Поуката од параболата за фарисејот и цариникот секогаш е жива и актуелна (сп. Лука 18, 9-14): од никого не сме подобри, сите сме браќа и на сите ни е заедничка кревкоста, страдањето и грешноста. Затоа, молитвата која можеме да му ја упатиме на Бога е следната: „Господи, никој жив не е праведен пред тебе“ (сп. Псалм 142, 2) – се вели во еден Псалм: „Господи, никој жив не е праведен пред тебе“, никој од нас: сите сме грешници – сите сме должници кои имаат неподмирени сметки; нема никој што е беспрекорен во твоите очи. Господи, помилуј не! ”И кога се моли со тој дух, молитвата е плодна, затоа што понизно одиме пред Бога да молиме за сите. Фарисејот, напротив, арогантно се молел: „Благодарам, Господи, што не сум како овие грешници, јас сум праведен, редовно правам…“. Тоа не е молитва: тоа е гледање во себе, сопствената реалност во огледало, гледање на самиот себе во огледало расфрлано со ароганција.
Светот оди напред благодарение на овој ланец застапници кои претежно се непознати… но не и на Бога! Има многу непознати христијани кои во времето на прогонство можеле да повторат со нашиот Господ: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават“ (Лука 23,34).
Добриот пастир останува верен дури и кога ќе го забележи гревот на својот народ: добриот пастир продолжува да биде татко дури и кога неговите деца ќе се оддалечат од него и ќе го напуштат. Тој истрајува во службата на пастирот дури и кон оние за кои мора да ги извалка рацете; не го затвора срцето за оние кои дури го натераа да страда.
Црквата, во сите свои членови, има послание да ја практикува посредничката молитва, да се застапува за другите. Посебно се должни тоа да го прават оние кои имаат одговорна улога: родители, воспитувачи, ракоположени служители, поглавари на заедницата … Како Авраам и Мојсеј, тие понекогаш мора пред Бога да ги „бранат“ луѓето што им биле доверени. Всушност, станува збор за тоа да се гледаат со Божји очи и срце, со неговата непобедливо сочувство и нежност. Нежно молете се за другите.
Браќа и сестри, сите сме лисја од исто стебло: секое одвојување во нашата свест довикува големо сочувство кое мораме во молитвата да го негуваме едни кон други. Да молиме едни за други: Тоа ќе биде добро за нас и за сите. Ви благодарам!
Ватикан њуз/к.мк