Според папата Фрањо, најголемата опасност за верата не е разумот или интелектот, туку стравот. Затоа верата е „првиот дар“ што христијаните го добиваат при крштението, рече папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 1 мај 2024 година, која ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Денеска ќе зборувам за крепоста вера. Оваа крепост заедно со љубовта и надежта се нарекува „богословска“. Постојат три богословски крепости: вера, надеж и љубов. Зошто се богословски? Затоа што тие можат да се живеат само благодарение на Божјиот дар. Тие три богословски крепости се големи дарови што Бог ги дава на нашата морална способност. Без нив би можеле да бидеме претпазливи, праведни, силни и умерени, но не би имале очи што гледаат дури и во темнина, не би имале срце што љуби и кога не е сакано, не би имале надеж што се осмелува да се надева против секоја надеж.
Што е вера? Катехизмот на Католичката црква, повикувајќи се на Соборската конституција Dei Verbum, објаснува дека верата е чин со кој човекот слободно му се предава на Бога (бр. 1814). Авраам бил голем татко на верата. Кога се согласил да ја напушти земјата на своите предци и да се упати кон земјата што му ја покажал Бог, веројатно го сметале за луд: зошто да го оставиме познатото за непознатото, сигурното за неизвесното? Зошто да го прави тоа? Дали е луд? Но, Авраам заминува, како да го видел невидливото. Еве што вели Библијата за Авраам: „Тој отиде како да го видел невидливото“. Тоа е прекрасното. И токму тоа невидено ќе го натера да се искачи на планината со својот син Исак, синот единец, ветениот, кој дури во последниот момент ќе биде поштеден да не биде принесен како жртва. Во таа вера, Авраам станал татко на долга низа деца. Верата го направи плоден.
Човек со вера ќе биде Мојсеј, кој прифаќајќи го Божјиот глас дури и кога многу сомнежи можеле да го поколебаат, продолжил да биде непоколеблив и да има доверба во Господа, па дури и да го брани народот на кој, пак, често му недостасувала вера.
Жената со вера ќе биде Дева Марија, која примајќи ја објавата од ангелот која многумина би ја отфрлиле како премногу напорна и ризична, ќе одговори: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои“ (Лука 1,38). И со срце полно со вера, срце полно со доверба во Бога, Марија тргнува на пат чиј пат и опасности се непознати дури и за неа.
Верата е крепост со која христијанинот е она што е. Затоа што да се биде христијанин не значи пред се да се прифати културата, со вредностите што ја придружуваат, туку да се биде христијанин значи прифаќање и зачувување на една врска, врската меѓу мене и Бог; помеѓу мојата личност и љубезното Исусово лице. Таа врска нè прави христијани.
Зборувајќи за верата, на ум ми доаѓа една случка од Евангелието. Исусовите ученици пловат со кораб преку езерото кога ненадејно се појави бура. Мислат дека ќе ја надминат со силата на мускулите, со стекнатото искуство, но коработ почнува да се полни со вода и ги фаќа паника (сп. Марко 4,35-41). Не сфаќаат дека имаат решение пред очи: Исус е таму со нив во коработ, среде бурата, а Исус спие, се вели во Евангелието. Кога на крајот го разбудиле, исплашени, па дури и лути затоа што ги оставил да загинат, Исус ги прекорува: „Што сте така плашливи? Како немате толку вера?” (Марко 4,40).
Еве го големиот непријател на верата: тоа не е интелигенција, не е разумот, како што, за жал, некои продолжуваат опсесивно да повторуваат, туку голем непријател на верата е стравот. Затоа верата е првиот дар што треба да се прифати во христијанскиот живот: дар што треба да се прифати и за кој треба секој ден да се молиме за да се обнови во нас. Таа е мал дар на прв поглед, но сепак важен. Кога нè доведоа до крстелницата, нашите родители, откако ни го кажаа името што го избраа, слушнаа како свештеникот ги прашува – ова се случи на нашето крштевање: „Што барате од Црквата Божја?“. А родителите одговориле: „Вера, крштение!
За родителот христијанин, свесен за благодатта што му е дадена, тоа е дар што треба да го бара за своето дете: верата. Со него, родителот знае дека неговото дете, дури и среде животните искушенија, нема да биде обземено од страв. Ете, непријател е стравот. Тој, исто така, знае дека, штом повеќе нема да има родители на оваа земја, тој сè уште ќе го има Бога Отецот на небото, кој никогаш нема да го остави. Нашата љубов е толку кревка и само Божјата љубов ја победува смртта.
Се разбира, како што вели апостолот, не секој има вера (сп. 2 Солунјаните 3,2), а ние, кои сме верници, често забележуваме дека имаме мала вера. Исус честопати може да нѐ прекори, како што тоа го правеше со своите ученици, дека сме „со малку вера“. Но, тоа е најсреќниот дар, единствената крепост на која ни е дозволено да и завидуваме. Зашто во оние кои имаат вера престојува сила која не е само човечка; Имено, верата „предизвикува“ благодат во нас и го отвора умот за Божјите таинства. Како што вели Исус во една прилика: „Кога би имале вера колку синаповото зрно и ѝ речете на оваа црница: »Откорни се и пресади се в море!« и таа би ве послушала“ (Лука 17, 6). Затоа и ние, како учениците, повторуваме: Господи, засили ја во нас вера! (сп. Лука 17,5). Тоа е убава молитва! Ајде сите заедно да кажеме: „Господи, засили ја во нас вера“. Ајде да кажеме заедно: [сите] „Господи, засили ја во нас вера“. Премногу слабо, малку посилно: [сите] „Господи, засили ја во нас вера“. Ви благодарам.
Ватикан њуз/к.мк