Прва проповед  во Великиот пост на кардинал Канталамеса: Исус истовремено е Словото и Причеста

Прва проповед  во Великиот пост на кардинал Канталамеса: Исус истовремено е Словото и Причеста

Во петокот на 23 февруари 2024 година, кардиналот Раниеро Канталамеса, проповедникот на Папскиот дом, ја одржа првата проповед на Римската курија за Великиот пост во салата Павле VI во Ватикан.

„Јас сум лебот на животот; кој доаѓа кај Мене нема да огладне, и кој верува во Мене нема да ожедни“.

Во својата прва проповед за Великиот пост, кардиналот Раниеро Канталамеса размислуваше за зборовите на Исус од Евангелието според Иван.

Кардиналот, фрањевец, одржа проповед во петокот на 23 февруари во салата Павле VI во Ватикан. Иако обично доаѓа на проповедите на Канталамеса, папата Фрањо – кој моментално е на духовни вежби – на оваа проповед не присуствуваше.

Словото и Светата Тајна

„Јас сум лебот на животот“.

Каде можеме да го пронајдеме тој леб, праша кардиналот Канталамеса? Потоа одговори на две места: во Евхаристијата и во Светото Писмо.

Во старите времиња, продолжи тој, Црквата Го препознала присуството на Исус и во Светата Тајна и во Словото. Дури подоцна, на Запад, христијаните се поделија: „Од католичката страна, евхаристиското толкување на крајот станало доминантно… Лутер реагирал спротивно, односно дека лебот на животот е Словото Божјо“.

Затоа, она што е неопходно, предложи кардиналот Канталамеса, е враќање „на првобитната синтеза помеѓу Словото и Светата Тајна“. Тој рече дека за ова може да придонесе „екуменската клима“ која е поприсутна во последните децении.

Кардиналот Канталамеса исто така истакна дека иако Светото Писмо и Светата Тајна понекогаш се сметаат за спротивности во теологијата, тие секогаш мирно коегзистирале во Литургијата; од најраните денови на Црквата, светата Литургија ги вклучува и Словото и Евхаристијата.

Зрно пченица

Сепак треба да си поставиме „едноставно прашање: како Тој, Исус, стана леб на животот за нас?“ – рече кардиналот Канталамеса.

Одговорот, истакна кардиналот, се наоѓа во Исусовите зборови во Евангелието според Иван: „Вистина, вистина ви велам, ако зрното пченица не падне на земјата и не умре, останува само; но ако умре, дава многу плод“.

Затоа, објасни тој, не е доволно да се прими лебот на животот; треба да дозволиме и да нѐ преобрази. Тоа значи прифаќање на страдањето, прифаќањето е како „средство за посветување, а не за стврднување на срцето, за омраза и приговарање“.

Прифаќање на страдањето

Кардиналот Канталамеса потоа понуди два конкретни начини на кои можеме да го живееме тој став.

Една од можностите, рече кардиналот, е да прифатиме кога ни противречат и да се откажеме од оправдувањето и желбата секогаш да бидеме во право. Кога го правиме ова, рече тој, стануваме посветени така што нашето „самољубие и гордост“ се намалуваат.

Прифаќањето на страдањето, нагласи кардиналот Канталамеса, е исто така важно затоа што води кон заедништво.

Потоа го цитираше свети Августин кој вели: Како што пченицата мора да се врши, превие, да се сомеле и да се испече пред да стане леб, така и ние христијаните мораме да поднесеме пост, покајание и изложување на огнот на Светиот Дух пред да се соединиме во едно тело.

Ватикан њуз/ к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот