Во Струмица се молеше за Епископската синода и семејствата

Во недела 28 септември 2014 година во католичката парохија „Свети Иван Крстител“ – Струмица по повод престојната Епископска синода, која ќе се одржи од 5-19 октомври во Рим, се молеше за Епископската синода, семејствата од парохија и Апостолскиот егзархат, како и за сите семејства во Македонија.

Молитвеното бдение се состоеше од Света Бројаница, литанија до Светото Назаретско Семејство, молитви за семејства од папата Фрањо и епископот Киро Стојанов, а беше предводено од возрасни лица, брачни парови, млади и деца.

Бдението е иницијатива на младите од парохијата во рамките на активностите за млади „Бранови на верата“, а подготвено и во договор со групата брачни парови од парохијата.

Секретаријатот на Епископската синода преку соопштение ги повика локалните Цркви, парохиски заедници, институти на богопосветен живот, здруженија и црковни движења да се молат за време на евхаристиските богослужби и во други прилики во деновите пред и за време на работните сесии на Синодата, додека 28 септември е прогласен да биде Ден на молитва за Епископската синода.

Верниците можат да се приклучат на оваа молитва со нивната лична молитва, пред сè во семејствата. Се препорачува на верниците да молат Светата Бројаница за време на работните сесии на Синодата, стои во соопштението од Секретаријатот на Епископската синода.

к.мк/го*ко

Категорија: Македонија

За авторот