Устоличен првиот епарх на новосонованата епархија Струмичко – скопска

Устоличен првиот епарх на новосонованата епархија Струмичко – скопска

Со читање на декретите одобрени од папата Фрањо и света архиерејска Литургија во струмичката катедрала на 2 декември 2018 година е воспоставена новата епархија „Успение на Пресвета Богородица во Струмиca – Скопје“ и е устоличен првиот епарх монс. д-р Киро Стојанов.

Прославата започна со свечена процесија и влез во катедралата, во која учествуваа епископот Стојанов, кардинал Леонардо Сандри, префект на Конгрегацијата за Источни цркви, дваесетина епископи од повеќе европски држави, свештеници од Македонија и странство.

На почетокот о. д-р Зоран И. Стојанов на верниот народ во преполната катедрала ги претстави присутните епископи. Потоа ги поздрави претставниците на државните и локалните власти, претставниците на верските заедници и дипломатскиот кор.

Монс. Паул Бутнаро, секретар во Апостолската нунцијатура за Република Македонија најпрво го прочита декретот за воспоставувањето на епархијата „Успение на Пресвета Богородица во Струмица – Скопје, а потоа и декретот за именувањето на монс. д-р Киро Стојанов за прв епарх на епархијата. Декретите пред верниот народ ги покажа кардинал Леонардо Сандри. Потоа кардинал Сандри го воведе во службата епарх епископот Стојанов, придружувајќи го до епископскиот трон.

Во знак на благодарност новопоставениот епарх на четворица свештеници им подели чин протоереј ставрофор, на двајца свештеници протоерејски чин и на девет свештеници им го подели чинот ставрофор.

На почеток од својата проповед кардинал Сандри истакнувајќи ја богатата историја на македонскиот народ, потсети на свети апостол Павле, Мајка Тереза, светите браќа Кирил и Методиј, Кукушката унија и рече: „Одлуката на Светиот Отец, за воздигнување на Егзархатот за верниците од византиски обред во Македонија, во Епархија – Успение на Пресвета Богородица во Струмица – Скопје, е признавање на патот кој достигна до полно созревање: достигнување и заеднички почеток на напредок, исполнувајќи го срцето со помислата дека радоста на Христовото Евангелие може да стигне до секој човек на овие простори, особено тие кои сѐ уште не го знаат или се оддалечиле од Него“.

Обраќајки се до епископот Стојанов и верниците истакна: „Монс. Киро, кој веќе ве придружуваше во сите овие години, сега уште повеќе го живее  повикот на овоплотувањето како што слушнавме во Евангелието по Иван: да биде добар пастир, како Христос, кој ги познава своите (овци) и ги вика по име, кој се грижи за слабите и ранетите, кој нуди храна на бујните пасишта и вода во сушата, исполнувајќи го во сите овие ставови дарот на животот, со сета посветеност додека е жив. Мачеништвото не е само пролевање на крв, како што за жал им се случува и во наше време на многу наши браќа и сестри во светот – но пред сѐ е вистинско сведочење и вистинска секојдневна посветеност која не е можна само со наша добра волја, туку пред сѐ со цврсто останување на Исусовите патеки, како ученици кои сме повикани да бидеме Учители.

Ги доверуваме Владиката, неговите свештеници и сите вас драги верници во Христа, во застапништвото на Пресветата Мајка Божја: Светиот Отец сакаше да ве постави целосно под тајната на Нејзиното Успение и Вознесение на небото. Ова нѐ прави сигурни дека Таа, во славата на Својот Воскреснат Син, ја живее обврската добиена од Него под крстот: да биде Мајка.“

Пред крајот од светата Литургија епископот Стојанов упати благодарствен говор во кој се вели: Ова не е само историски чекор што би значело ставање “круна на признавањето” од минатото на оваа посебна заедница – посебна по јазик и обред – која низ една долга историја сепак преживеела, туку тоа е нова задача и почеток на животот на оваа заедница како место на евангелизација и реевангелизација во оваа општество. (…)

Ваша Еминенција, господине Кардинале, пренесете му ја нашата синовска благодарност на Светиот Отец Папа и нашaта искрена верност и почит кон него. Ние ќе се обидеме да го исполниме ова божествено – историско послание што ни е доверено со овој милосно-историски чин. Благодариме, што ги препознавте малите и скромните. „Големи дела изврши Господ над нас и затоа сме радосни!“

Благодарејќи „на сите кои денес на било кој начин преку молитва, срце, работа и страдања придонесовте за новиот почеток на новооснованата Епархија“ епархот Стојанов се препорача во молитвите на верниот народ.

На крајот од Литургијата о. протоереј ставрофор Георги Трајков од име на епископот Стојанов, свештениците и верниот народ на кардинал Сандри му подари икона Успение на Пресвета Богородица. Кардинал Сандри пак на епископот Стојанов му подари медалјон од папата Фрањо.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот