Во Скопје месечна средба со децата по повод Година на семејството

На 26 јануари 2014 година во парохијата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје по повод пасторалната година за семејството која е прогласена за Скопската бискупија, одржана е првата пригодна средба за деца на тема: „Исус е мој пријател и го сакам со сето срце“, со цел воведување и растење во дарот на верата.

На средбата присуствуваа дваесет и пет деца на возраст од 5 до 12 години. Средбите ќе се одржуваат еднаш месечно покрај редовната парохиска веронаука, со анимација од чесните сестри кои делуваат како вероучителки  во парохијата.

Сите присутни ги поздрави скопскиот катедрален парох дон Давор Топиќ, кој рече дека Исус е најдобар пријател на децата, како и дека ќе имаат прилика да го доживеат и слушнат во оваа средба преку заедништво, игра и катехеза од Евангелието, па и даде збор на с. Марија Едит МС, која заедно со своите сестри ја организираше оваа средба.

Потоа средбата започна со претставување, по што следеа игри со музички столчиња и сложувалки со лик на светците. Во вториот дел на средбата богословот Бошко Чатлак ја изложи катехезата за „Сејачот“ од Евангелието по Матеј, со помош на студентот Никола, кој фрлаше зрна по масата на која беше ставено, песок, камења, трња и добра земја и на сликовит начин им ја доловија на децата пораката за Сејачот со цел формација во верата. Интересно беше после одржаната катехеза да се видат децата, дека срцето од лист кое го добија сите го ставија на плодна земја, сакајќи да имаат во својот живот такво срце отворено за Божјото Слово.

На крајот од средбата децата и присутните се почестија со колачите кои ги спремија нивните мајки, па се упатија на вечерната Света Литургија во катедралата.

КТА/С.С.

1327

Категорија: Македонија

За авторот