Десеттата светска средба на семејствата започна во среда, на 22 јуни, во Рим со Фестивал за семејства со учество на папата Фрањо.
Папата Фрањо во своето обраќање истакна дека неговата желба е Црквата да биде како добриот Самарјанин кој им приоѓа на семејствата и ќе им помогне да го продолжат својот пат и да направат чекор напред, чекор повеќе без разлика колку е мал.
За нивните исуства зборуваа брачните парови Серена Зангла и Луиџи Франко, Роберто и Марија Анселма Корбела, Пол и Жермејн Баленца, Пјетро и Ерика Чиријако со Ирина, која ја примија од Украина, и нејзината ќерка Софија и вдовицата Закија Седики. Ова беа пет различни сведоштва, а секое укажуваше на еден од „чекор повеќе“ што може да ги преземат семејствата.
„Вашите сведоштва послужија како „засилување“: им дадовте глас на искуствата на сите други семејства во светот кои, како вас, ги делат истите радости, грижи, истите тешкотии и надежи“, рече Светиот Отец.
Патувајте заедно
Обраќајќи им се на присутните семејства, но и на сите оние кои ја следат средбата од различни делови на светот, Папата изрази желба да ја почувствуваат неговата блискост каде и да се и во нивните специфични животни ситуации. „Мојот збор на охрабрување е ова: почнете таму каде што сте и од таму обидете се да патувате заедно, заедно како парови, заедно во вашите семејства, заедно со Црквата.
Бракот не е формалност
Светиот Отец се осврна на искуството на Луиџи и Серена кои сведочеа за повикот за брак. „Мислам дека беше болно за сите нас да ве слушнеме како велите: „Не најдовме заедница која би не поддржала со раширени раце такви какви што сме“, рече тој, додавајќи дека овој факт треба да ги натера сите да размислуваат. Треба да се обраќаме и да патуваме како Црква која прифаќа „нашите епархии и парохии да станат уште повеќе заедници кои поддржуваат со раширени раце“.
Она што беше утешно за него, призна Папата, беше објаснувањето на парот за причината зошто решиле да ги крстат своите деца. „И покрај нашите најблагородни човечки напори, ние не сме самодоволни“, кажаа Луиџи и Серена во нивното сведоштво.
„Вистина е, можеме да ги имаме најубавите соништа, највозвишените идеали, но на крајот ги откриваме и нашите ограничувања. Мудро е да ги знаеме нашите сопствени ограничувања – ограничувања што не можеме да ги надминеме сами, освен со отворање на себеси кон Отецот, неговата љубов и неговата благодат. Ова е смислата на Светите Тајна Крштение и Венчание: тие се конкретната помош што Бог ни ја дава за да не нѐ остави сами, токму затоа што ‘не сме самодоволни’. Можеме да кажеме дека секогаш кога маж и жена ќе се заљубат, Бог им нуди подарок; тој подарок е бракot. Тоа е чудесен дар, кој ја содржи силата на сопствената Божја љубов: силна, трајна, верна, подготвена да започне од почеток после секој неуспех или момент на слабост“, рече папата Фрањо. Бракот не е формалност, туку „се венчава затоа што својот брак сака да го гради врз Христовата љубов, која е цврста како карпа“.
Во бракот, Христос се дарува за да можат сопружниците да си дадат сила еден на друг. „Семејниот живот не е невозможна мисија“, поттикна Светиот Отец. „Со благодатта на Светата Тајна, Бог го прави прекрасно патување, кое треба да го преземеме заедно со него и никогаш сами“.
Прегрнете го крстот како Кјара Корбело
Сведочеа и Роберто и Марија Анселма Корбела, родители на Божјата слугинка Кјара Корбело Петрило. Тешкиот крст на болеста и смртта на Кјара не го уништи нивното семејство, ниту го одзеде мирот и спокојството на нивните срца. Спокојството на Кјара им отвори прозорец во вечноста. Гледајќи како ја доживеала тешкотијата на болеста им помогна да погледнат нагоре, да не останат заробени во тага, туку да бидат отворени за таинствените Божји планови, вечноста, небото – истакна брачниот пар.
Бог во срцето на Кјара ја втиснал вистината за светиот живот.А најзината мајка сакала да го спаси животот на своето дете по цена на сопствениот живот. Како сопруга, таа со сопругот го следела патот на семејното евангелие, едноставно и спонтано. И срцето на Кјара ја прифати вистината за крстот како самодарување: нејзиниот живот беше даден на семејството, на Црквата и на целиот свет – нагласи Папата. „Секогаш ни требаат одлични примери за гледање. Нека Кјара биде вдахновение на нашиот сопствен пат на светоста, а Господ нека го поддржи и направи плоден секој крст што семејствата мора да го носат“.
Простувањето ја лекува секоја рана
Пол и Жермејн зборуваа за кризите што ги доживеале во бракот. „Воопшто не се засладувавте!“, рече папата Фрањо, истакнувајќи дека парот ја именувал секоја причина за кризата: „неискреност, неверство, злоупотреба на пари, идоли на моќта и кариерата, зголемената огорченост и тврдоста на срцето“.
Да се гледа како се распаѓа едно семејство е трагедија која никого не остава рамнодушен. Најчесто никој не знае што точно да прави. Но, токму затоа приказната за Пол и Жермејн носи надеж – рече Папата. Како што вели Пол, во најтемниот момент Господ ја исполнил најдлабоката желба на неговото срце и го спасил неговиот брак.
„Длабоко во срцето на секој човек е желбата љубовта да не престане, да не се прекинува приказната за взаемната љубов, да не се фрлаат плодовите на љубовта. Никој не сака љубов која е краткотрајна или означена со рок на траење. Затоа, многу страдаме секогаш кога неуспесите, небрежноста и човечките гревови доведуваат до бродолом на бракот. Но, и среде бура, Господ го гледа она што е во нашите срца“, нагласи Светиот Отец. Простувањето ја лекува секоја рана. Тоа е дар кој извира од благодатта што Христос ја опсипува врз паровите и цели семејства секогаш кога Му дозволуваме да дејствува, кога и да се обратиме кон Него. Пол и Жермејн, заедно со нивните деца, имаа своја „прочка“ и ги обновиле брачните завети за време на една света Литургија.
Кога младите ќе излезат од детството, почнуваат да сфаќаат дека нивните родители не се „супер херои“, семоќни, а уште помалку совршени. Во сведочењето на Пол и Жермејн, нивните деца видоа нешто многу поважно. Видоа понизност во барањето прошка и сила дадена од Бога да се издигнат по падот – истакна Папата. „Ова е нешто што навистина им треба на децата! Зашто и тие ќе згрешат во животот и ќе сфатат дека и не се совршени, но ќе се сетат дека Господ нè подигнува, дека сите сме грешници на кои им е простено, дека мора да бараме прошка од другите, но и да можеме да си простиме на себе.
Општеството би било студено и неподносливо без семејството
Лицата и приказните на толку многу мажи и жени кои се принудени да ја напуштат својата татковина можат да се видат во лицата на Ирина и нејзината ќерка Софија. Обраќајќи му се на тоа украинско семејство, Папата им се заблагодари што не ја изгубиле довербата во Промислата. Тие видоа како Бог дејствува во нивните животи, ги видоа луѓето во нивните најдобри и најлоши изданија. „За сите нас е важно да не се задржуваме на најлошото, туку да го искористиме најдоброто, големата добрина за која е способен секој маж и жена и да почнеме од таму повторно.
Папата им се обрати и на многубројното семејство Чиријако кои ги прифатија. „Навистина, пречекот е вистинска „харизма“ за семејствата, особено за многудетните семејства! „Можеби мислиме дека е потешко да се прифатат други луѓе во голем дом, но тоа не е така, бидејќи семејствата со многу деца се „обучени“ да направат место за другите“, рече Папата.
„На крајот на краиштата, тоа е семејството. Во семејството доживуваме што значи да се биде прифатен. „Додека во студени и анонимни ситуации слабите често се отфрлаат, во семејствата е природно да се прифатат: да се прифати дете со попреченост, постара личност на која му е потребна грижа, член на семејството во тешкотии кој нема никого. Тоа дава надеж – истакна Светиот Отец. „Семејствата се места за прифаќање, и тешко нам ако исчезнат! Општеството би станало студено и неподносливо без прифаќање на семејствата“.
Чекор кон братството
Зборуваше и Закија Седики, вдовицата на амбасадорот Лука Атанасио, кој беше убиен додека бил на служба во Конго во 2021 година. Нивната приказна е родена и изградена врз идеалите за автентична љубов, почит, солидарност и дијалог меѓу културите. Имено, додека Атанасио е роден во Италија, католик, неговата сопруга е родена во Мароко, муслиманка.
„Ништо од тоа не е изгубено, дури и по трагедијата со смртта на Лука. Не само што примерот и духовното наследство на Лука продолжуваат да живеат и зборуваат со совеста на многу луѓе, туку и организацијата што ја основа Закија на некој начин ја продолжува неговата мисија“, рече Папата. „Во Закија и Лука ја наоѓаме убавината на човечката љубов, страста за животот, алтруизмот и верноста кон сопствените верувања и религиозна традиција, како извор на вдахновение и внатрешна сила.“
Нивното семејство е она што го изразува идеалот за братство – забележа папата Фрањо. Покрај тоа што беа маж и жена, тие живееја како брат и сестра во нивната хуманост, во нивните различни религиозни искуства, во нивната посветеност на општеството. „Живеејќи во семејство со оние кои се различни од нас, учиме да бидеме браќа и сестри. Учиме да ги надминуваме поделбите, предрасудите и тесните погледи и заедно да градиме нешто големо, нешто убаво, врз основа на она што ни е заедничко“, рече Светиот Отец. Зборувајќи надвор од подготвениот говор, папата Фрањо рече дека не би сакал да го прекине сеќавањето на Лука и Закија без да ја спомене мајката на Закија. „Твојата мајка која е тука и секогаш те придружува на патот: добро е тоа што го прават свекрвите во семејството, добрите свекрви, добрите мајки!
Направете го светот „дом“
Секое семејство има послание кое треба да го изврши во светот – рече на крајот Светиот Отец. „Како крстени, ние сме посебно повикани да бидеме пораката што Светиот Дух ја зема од богатството на Исус Христос и ја дава на својот народ. Повикувајќи ги семејствата да запрат и да слушнат што Бог баара од нив. Папата ги поттикна да дозволат Тој да ги промени како би можеле да го променат светот и да го направат „дом“ за сите оние кои треба да се чувствуваат добредојдени и прифатени, за сите оние кои треба да се сретнат со Христа и да знаат дека се сакани.
Ватикан њуз/к.мк