Во Радово беше погребен Илија Стојанов, татко на владиката Киро Стојанов
Во недела 4 мај 2014 година во Радово беше погребен Илија Стојанов, татко на монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија. Погребот го предводеше протоереј ставрофор о. Георги Трајков, а пригодно слово одржа монс. Антун Циримотиќ. На погребот присуствуваа сите свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија и од Скопската бискупија, чесни сестри од Македонија, како и свештеници и чесни сестри од соседните држави и регионот, како и бројни роднини, пријатели и верници од Радово, Македонија и регионот.
Фра Леополд Рохмес во име на Белградскиот надбискуп монс. Станислав Хочевар изрази сочувство до бискупот Стојанов, како и до целото семејство. Во име на монс. Христо Пројков, Апостолски егзарх во Бугарија се обрати о. Петко Валов, а д-р о. Зоран Стојанов, син на покојниот Илија, во име на семејството упати благодарност до сите оние кои сочувствуваат со нивното семејство. При тоа тој ги спомна и оние кои по повод смртта на нивниот татко испратија сочувство, додека пак сочувството на Врхобосанскиот надбискуп, кардинал Винко Пуљиќ го прочита во целост.
Илија Стојанов почина на 3 мај 2014 година на 83 годишна возраст. Роден е на 28 октомври 1930 година во Радово. Во брак стапува со Велика родена Манолева и од тој брак им се родија пет деца од кој еден епископ, еден свештеник и две чесни сестри, кои се во монашката заедница на сестрите Евхаристинки.