Во Петралинци по втор пат поставено Велигденското јајце
Петралинци 29.4.2013 /к.мк/ – Црковниот одбор на црквата Свети Кирил и Методиј – Петралинци во понеделникот 29 април во дворот на црквата повторно го постави големото Велигденско јајце.
Велигденското јајцето е изрaботено од различни градежни материјали и е со традиционална црвена боја со насликана претстава на Воскресението Христово. Јајцето е високо 120 сантиметри и е тешко над 100 килограми. Идејата и реализацијата потекна минатата година од жителите на Петралинци, а во неговата изработка учествуваа десетина мајстори и ликовен уметник од самото село Петралинци. Минатата година за него известуваа повеќе локални и национални медиуми и беше вистинска атракција и причина да се посети црквата Свети Кирил и Методиј – Петралинци
Покрај празничниот амбиент кој го дава ова Велигденско јајце во Петралинци истовремено се потенцира и вистинската смисла на велигденските јајца.
Денеска често пати христијанските симболи при славењето на Велигден се изоставаат и се придаваат значења на некои други симболи кои немаат никаква христијанска позадина. Ова црвено Велигденско јајце нè потсетува на крвта Христова со која сме откупени, а јајцето го симболизира гроб од кој што се раѓа нов живот. Насликаната претстава нè упатува на победата над смртта и вечниот живот кој ни доаѓа преку Воскреснатиот Христос.