Скопје: Прва Причест

Во Скопската катедрала Пресвето Срце Исусово, на 17 мај 2015 година Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов ја предводеше светата Миса, на која седум деца од парохијата за прв пат го примија Исус Христос во светото Причастие.

Проповедта на бискупот Стојанов ја пренесуваме во целост:

Драги брате во свештенството, чесни сестри, браќа и сестри во Христа, драги првопричесници!

Малку сме свесни колку е голема радоста, среќата и благодатта за нас кога Исус, преку св. Причастие, доаѓа во нашето срце. Помислата на Исусовата посета за нас претставува голема чест, што вистински не можеме ниту да ја сфатиме. Освен тоа, Исус никогаш не доаѓа кај нас со празни раце, туку со себе носи големо богатство на своите милости, доколку сме добро подготвени за неговата посета и доколку сме достојни на неговата милост. Затоа јас денес би сакал да прозборам за плодовитена св. Причест.

1. Исус извонредна голема милост ни искажа со самото свое доаѓање на свет, што за нас страдаше, умре и со својата смрт не ослободи од гревот и ни го отвори небото. Сепак, за Исус, сето тоа не беше доволно. Не љубеше со голема љубов што и после својата смрт и после Вознесението на небото  остана со нас – да ги теши и усовршува нашите души на патот кон вечниот живот. Ја основа св. тајна Евхаристија преку која остана да биде наша духовна храна. Со своето сопствено Тело и својата сопствена Крв ги храни нашите души и на тој начин се грижи за нашиот натприроден живот. Во св. Причастие Тој така совршено со нас се соединува, целосно да ја проникне нашата душа и да со Него биде едно битие.

Тоа е првиот ефект и плод на св. Причестие. Не посетува лично, како што некогаш го посети цариникот Закхеј, кого го виде на дрвото и љубезно му рече: „Закхеј, слези бргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом“ (Лк 19,5). Во св. Причестие, Исус доаѓа во нашето срце. При секоја св. Причест Исус како да ни говори: „Денес мора да останам во твоето срце“. Со тоа сака да ја изрази својата жарка желба за потполно соединување со нашата душа, така што и ние со св. Павле би можеле да воскликнеме: „живеам, но не повеќе јас, туку Христос живее во мене“ (Гал 2,20).

2. Втор ефект или плод на св. Причестие е посветување на нашата душа. Во св. Причестие доаѓа Исус во нашето срце со сето богатство на своите благодати и својата светост. Неговата присутност во нас потполно ја преобразува, обновува и посветува нашата душа, така да таа станува уште повеќе учесничка во натприродниот или Божји живот. После св. Причестие, на некој начин, би можеле да кажеме дека стануваме посебно Божји миленици, Божји деца и наследници на небесното царство. Едно сме со Исус. Ниту една св. тајна не умножува посветителна благодат во толкава мера како св. Причестие. Тука е Почетникот на сите милости! Затоа достојната св. Причест е најуспешното и најдобро средство на нашето посветување.

3. Трет ефект или плод на св. Причестие е помош во борбата против гревот и побуда на крепостен живот. Според науката на Црквата св. Причестие опростува мали гревови и не чува од смртни гревови. Св. Причастие ги слабее нашите лоши нагони и ги лекува нашите болни души, ја зацврстува нашата љубов кон Бога. Во тоа е токму чудесната сила на св. Причестие.

Освен тоа св. Причестие не воодушевува за крепостен живот, ја јакне нашата волја за светечки жртви и ни дава постојаност во добро до крај. Од св. Причестие светците имале сила за херојски крепости! Секако дека ние сето тоа не го гледаме бидејќи св. Причест дејствува полека, тивко и незабележливо. Нејзините ефекти слични се на ефектите од секојдневната храна. Кој ужива секој ден здрава и течна храна, го зачувува своето здравје и способен е за работа. Така, св. Причастие не чува здрави на душата и не прави способни за дела на своето посветување и спасение.

4. Конечно, св. Причестие ни дава залог на славно воскресение и вечен живот. Натприродниот живот на душата, што св. Причест го чува и умножува, ќе се продолжи во вечноста без крај и свршеток. И нашето тело, кое во св. Причестие доаѓа со Исусовото тело во допир, еднаш славно ќе воскресне од гробот. Исус сам ни вети вечен живот и славно воскресение како последица на св. Причестие говорејќи: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Ив 6,54).

Драги Првопричесници, Исусовата љубов кон нас навистина е прекрасна и неизмерна! Исус секој ден е подготвен да не посети во св. Причестие, со нас најтесно да се соедини, и нам да ни удели нешто од богатството на своите милости. Навистина сме среќни што можеме и смееме Исус да го примиме често, дури и секој ден, во св. Причестие. За оваа голема милост да бидеме од срце благодарни на Исус и секогаш со радост и задоволство да го примаме во св. Причестие. Исто така да настојуваме Исус да го примаме секогаш со жива вера, света почит. Тогаш можеме силно да се надеваме, дека оној Исус кого сега го примаме во своето срце, ќе не прими некогаш во своите небесни станови, а таму ќе уживаме во него: не под видот на леб и вино туку лице во лице.

Денот на првото св. Причестие е ден на радоста, радост за вас самите, за вашите родители и најблиски, но и за сите оние кои на било кој начин учествуваа во подготовката за овој радосен ден. Овде мислам на вашиот почитуван парох и декан дон Давор, на неговиот викар, овде присутниот почитуван дон Јошт, на сестрите, вероучителите и вероучителките, овде мислам и на оние кои ја украсија Црквата, но и на оние кои го поклонија цвеќето за декорација, на оние кои даваат свој принос за овој Божји храм, а сепак остануваат во својата скромност, овде, со еден збор, мислам на сите оние на било кој начин дадоа свој принос за овој свечен и величествен ден. Овој ден е радост и за сите нас овде присутни, самата помисла на своето детство и својот ден од првата св. Причест.

Овој ден е радост и за самиот Исус. Тој чезне за човечките души! Особено за душите на децата! „Пуштете ги децата и не бранете им да дојдат при мене, бидејќи на таквите им припаѓа Царството небесно!“

Драги првопричесници,  вашите родители, но и сите ние, посакуваме да останете такви какви сте денес, секогаш да останете чисти срца, полни со љубов кон Исус и верни на Исус Христос до последната воздишка на вашиот живот.

Со овие зборови сите вас ве храбрам во Божјиот Дух. Само така ќе го надвладееме злото. Само на тој начин ќе бидат видни промени, зашто само на тој начин се вреднува човекот според Божјиот Дух и Божјото светло. Во тој Дух нека ви биде среќен и благословен овој ден. Амин!

к.мк/д.Д.Т.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот