Во Нова Маала прославен патрониот празник

Во Нова Маала прославен патрониот празник

Во понеделник, на 27 август 2018 година, во предвечерието на празникот Успение на Пресвета Богородица, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во сослужение со свештениците од Струмичко-скопската епархија служеше Света архиерејска Литургија во парохиската црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Нова Маала.

Со свечена процесија околу Црквата со статуата на Пресвета Богородица пропратена со песни посветени на Марија започна чествувањето на патрониот празник.

Епископот Киро Стојанов во својата пригодна проповед истакна дека „Успението на Пресвета Богородица е порака за нас верниците – со колкава сериозност го живееме својот живот и позив на земјата, со колкава радост ја уживаме небесната слава. Колку повеќе го славиме и живееме својот позив, како одговорно татковство и мајчинство, (…) толку повеќе и нас Господ Бог ќе не воздигне во небесната слава над ангелите.“

Исто така честитајќи им го патрониот празник на сите верници, им посака „овој празник на нашата небесна Мајка постојано да ја храбри оваа наша парохиска заедница во Нова Маала. А и нејзиното застапништво пред нејзиниот Син Исус Христос секогаш не прати за да и ние, нејзините деца уживаме заедно со Неа во небесната слава, која што врата ни ја отвори Христос со свото Воскресение и Вознесение, за да потоа и Марија излезе прославена со душата и телото, со што и ние имаме потврда дека Бог и над нас ќе го исполни тоа што го вети како што направи со скромната своја слугинка, поставувајќи ја во Своето Царство за вечни векови.“

Во продолжение посака „да ја следиме нашата Небесна Мајка, да ја следиме која што е наша заштитничка на оваа наша парохиската заедница, и нашата новосоздадена епархија, за да по нејзиниот пример тргнеме сите ние, еден ден и ние да бидеме вознесени во небото кај нејзиниот Син и нашиот Спасител Исус Христос.“

На крајот од Светата Литургија, по измолувањето на молитвите за потполн опрост по намерение на Светиот Отец и по многулествието, парохот о. Спасо Ристов, од свое име, од име на капеланот и од име на сите верници од парохијата му се заблагодари на Неговото Високопреосвештенство за духовното слово, а младите му врачија скромен поклон по повод првото архиерејско служење во оваа парохија како епарх. Парохот исто така им се заблагодари на браќата свештеници за нивното присуство, им се заблагодари на сите верници за пожртвуваноста околу подготовките на овој возвеличен ден.

Чествувањето на патрониот празник, на самиот ден на Голема Богородица, на 28 август, се одбележи со свечена Литургија предводена од о. Марјан Ристов, на која со својата проповед упати поучна порака ставајќи ги во корелација небесната и земската Мајка.

Во парохиската Црква за подобра духовна подготовка на празникот, верниците молеа Деветница во чест на Пресвета Богородица.

к.мк/З.А.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот