Вниманието кон сиромасите е Евангелие, а не комунизам или пауперизам
Вниманието кон сиромасите се наоѓа во Евангелието, не е изум на комунизмот, рече папата Фрањо во разговор со Андреја Торнели, кординатор на веб страницата „Vatican Insider“, и со Џакомо Галејаци, ватиканист на италијанскиот дневен весник „La Stampa“. Со тој разговор со Папата завршува книгата посветена на социјалната наука на Папата, а насловена „Папа Фрањо – Оваа економија убива“. Во книгата, која на 13 јануари излезе во печат, собрани се и анализирани документи на учителството за сиромаштвото, доселеништвото, социјалната праведност и зачувувањето на создаденото.
Вниманието кон сиромасите во Евангелието и во традицијата на Црквата; тоа не е изум на комунизмот и не треба да се идеализира, така папата Фрањо го објасни континуитетот во црковната традиција во давањето на предност на сиромасите. Станува збор за внимателност која својот извор го има во Евангелието, истакна Папата и додаде дека е забележана веќе во првите векови на христијанството. Вреди да се спомнат само проповедите на Отците од вториот или третиот век. Нивните проповеди не можат да се опишат како „марксистички“, објасни Светиот Отец, бидејќи кога Црквата повикува да се победи „глобализацијата на рамнодушноста“, го прави тоа далеку од било каков политички интерес и било која идеологија. Поттикната е исклучиво само од Исусовите зборови и сака да го даде својот допринос во изградбата на светот во кој едни со други се чуваме и се грижиме едни за други.
Што се однесува до глобализацијата, папата Фрањо ја истакна нејзината светла и темна страна. Од една страна на многумина им помогна да излезат од сиромаштијата, водејќи до поголемо богатство во светот, но од друга страна осуди многу други луѓе на смрт од глад, предизвикувајќи поголема нееднаквост, како и појавување на нови форми на сиромаштво. Станува збор за економски и општествен систем кој во центарот ги става парите, ги претвора во идол, а луѓето ги сведува на „едноставна алатка“, поттикнувајќи голема неурамнотеженост, истакна Папата.
Културата на отфрлање води и до скриена евтаназија на старите лица кои се напуштаат, наместо тие да се сметаат за извор на мудрост за сегашноста. И младите се погодени од таквото однесување, со тоа што во развиените земји, забалежи Светиот Отец, повеќе милиони млади, млади до 25 години, немаат работа. Тоа се млади „ниту – ниту“,односно, ниту учат, бидејќи немаат можност за тоа, ниту работат, бидејќи немаат работа. Папата потоа запраша: Што ќе биде следното што ќе го отфрлиме?
„Да престанеме, ве молам“, силно поттикна папата Фрањо и повика, таквата состојба на работите да не ја сметаме за неповратна, да не се предаваме, туку да настојуваме да изградиме општество и економија во чие средиште се човекот и неговото добро, а не парите, бидејќи со нерешавање на проблемите на сиромасите, нема да ги решиме проблемите на светот. Потребна е етика и тоа во економијата и во политиката, потребни се програми, механизми и постапки упатени на подобра распределба на богатствата, на создавање на работни места и целосно поттикнување на оние што се исклучени.
На крајот Светиот Отец потсети дека Евангелието не ги осудува богатите, но обожавањето на богатството ги прави луѓето безчувствителни на повикот на сиромасите. Притоа, Папата предупреди на пауперизам, кој е, според неговите зборови, карикатура на Евангелието и на самото сиромаштво. Напротив, длабоката врска меѓу сиромаштвото и евангелскиот пат, на кој нѐ поучува свети Фрањо Асишки, е „правилник“ врз чиј темел ќе му биде судено на човекот, а тоа значи да се грижиме за ближниот, за сиромашниот, за оној кој трпи во тело и дух, за оној кој има потреба. А тоа не е пауперизам, туку Евангелие, истакна папата Фрањо.
РВ/В.Н.