Велики Четврток

Денес е Велики или Свет четврток, ден на последната Исусова вечера. Денес Црквата влегува во светата тродневница, во сеќавање, преку литургијата и молитвата, на Исусовите последни денови и дела. Така сите верници, во сите цркви на Апостолскиот Егзархат, почнувајќи од денес со утринската литургијата, со Страсната Утрења и читањето на дванаесетте евангелија, се подготвуваат за прославата и доживувањето на Велигден.

На Велики четврток Исус го прослави заедно со своите ученици за последен пат еврејскиот празник Пасха и тоа еден ден пред самиот празник и ја установи светата евхаристија, преку која ниехристијаните се препознаваме. Денес Тој им го остави на Црквата и на целиот свет знакот за неговата присутност во лебот и виното. Така им го предаде на Црквата и на човештвото своето човечко тело и својата крв, како залог и гаранција за победата над страдањето, смртта, вината, злото и катастрофите. Денес Исус ги изрече најхуманите зборови на апостолите и на светот, денес молеше чудесно за нас, денес го вети својот Дух против духот на злото, нехуманоста и разорувањето. Денес беше предаден, фатен и цела ноќ судски испрашуван. Денес мракот на човечката душа се покажа како најгуст, денес човекот падна неповратно во бездната на зависта и омразата кон Бог. Но, денес злобата на човекот е претворена во покајание, денес мракот е ранет со зракот на надеж.

Денес во литургијата влегуваме во салата на Последната вечера во Ерусалим, гледаме како Исус склучува нов и вечен сојуз помеѓи Бог и човечкиот род, како тој договор со нас го потпишува со својата крв. Излегувајќи од салата на Последната вечера доживуваме како Јуда си оди во мракот, го предава Учителот од Назарет на смрт за триесет сребреници и како на крајот самиот си се обесува. Влегувајќи во Гетсеманската градина, поминувајќи го потокот Кедрон ги слушаме последните Исусови упатства за Црквата и светот. А Тогаш го доживуваме моментот кога војниците и слугите од храмот Го фаќаат со цел да го одведат во срамотната судница и во смрт.

Во салата на Последната вечера Исус мие и нозете на учениците. Да се измијат на некого нозете претставува знак на гостопримство. Исус, значи, сака да каже дека преку неговата смрт, во која сега оди, и преку брзото воскресение, Тој ги отвара своите небески одаи, во кои нѐ повикува како свои гости. Светата литургија е парадокс и надеж на фактот дека сме деца Божји и наследници на небото. Во светата Литургија стануваме едно со Исус, Тој станува наш брат и учител. Во тајната на денешните литургиски славења, тишината на камбаните до Велигден, нешто недоносено во воздухот, се спушта таинството на човечкото паѓање и возвишување меѓу нас, за да научиме да бидеме луѓе и да бидеме добри еден кон друг. Црквата го носи во својата прегратка искуството на Бог кој стана човек, неговите зборови и неговата сила, неговите одредби и неговиот сојуз со нас. Исус од Назарет со делата, зборовите и животот се направи себеси веродостоен и нѐ убеди дека не е само човек или голем светец, ниту не е мистик или пророк, туку Бог.

Однадвор трезвен, без монашки и мистични гестови, а одвнатре силен со зборови и сила, со власт над природата, со Божјо опростување на гревови, со силата со која ги гонеше злите духови и спречуваше сѐ што му застанува на патот на човекот. Воскреснуваше мртви, лечеше болести, умре за човекот, воскресна и така ја измени човечката судбина.

Сѐ што Исус Христос донесе на свет се содржи во сојузот којтој го склучи со Црквата и со светот. Говорејќи: „Ова е моето тело кое се предава за вас“, „Ова е мојата крв која се пролева за вас и за сите луѓе за опростување на гревовите“, склопи со нас нов сојуз со својата крв. Така потпиша еден сеопфатен, вечен договор, сојуз, спомен помеѓу себе и Црквата, помеѓу човештвото и Бог. Под тој сојуз кој Црквата го чува во славењето на евхаристијата или светата Литургија, се содржи целото богатство коеИсус го донесе на светот. Тоа се негови зборови, тоа е силата на неговите свети Тајни, тоа е силата на неговиот Дух, тука е неговата присутност, тука се присутни плодовите на новиот воскреснат свет.

Денот во пресрет на својата смрт Исус го оствари тој сојуз и го потпиша со сопствената крв. Оттогаш Црквата ја чува светата Литургија како најскапоцен бисер. Таа секој ден го обновува и го слави тој сојуз, па така ја потврдува нашата согласност со Исусовиот сојуз со нас. Сѐ што има Црквата, се наоѓа во евхаристијата. Сѐ што му треба на човекот, се наоѓа тука. Светата Литургија е центар на Црквата, таа е извор од кој сѐ друго извира. Таа е истовремено Калварија и воскресно утро, бидејќи во неа се присутни Исусовата мака, смртта и воскресението. Светата Литургија е ризница во која се наоѓа богатството за спасение на секој човек и на целата човечка историја. Од неа настанува Црквата, таа е срце на Црквата и историјата.

Со цел да ја истакне важноста на сојузот склучен во евхаристијата, Црквата го слави Велики четврток. Но, таа овој празник го слави и секој ден, а посебно на тоа славење ги повикува сите верници во недела.

Славејќи ја евхаристијата, Црквата го осовременува сето она што Исус го направи за човештвото. Таа ја навестува Исусовата смрт и воскресение и така го остварува новиот свет за којшто и дојде Исус. Славејќи ја евхаристијата, Црквата си спомнува дека е соучесник во Божјиот свет и дека секој човек по можност е соучесник на Божјата природа. Бог умре за човекот. Исус ни го дарува своето тело, Тој ни даде да пиеме од неговата крв и да станеме негови крвни роднини. Човекот е толку голем што и самиот Бог сметаше дека вреди да умре за него. Ако е Бог со нас, кој е против нас, извикува свети Павле.

Христијанскиот свет кој денес слави влегува во голема тишина. Само во мир може да се слушне и да се случи она големото кое го донесе Исус од Назарет. Денес Црквата станува свесна дека му е пратена на секој човек, дека таа е Божја и дека само во послушноста кон Отецот, Синот и Светиот Дух може да се најде сила за евангелизација, за обнова на светот и преродба на човештвото. Комуницирајќи во светата причест со Исус од Назарет верникот станува разносител на откупителната и спасителната сила на Исус Христос па така се создава чекор по чекор, дел по дел новото небо и новата земја.

(Извор: katolici.org/Превод: В.Н.)

Категорија: духовнитекстови

За авторот

Write a Comment

<