Велики Петок: За таинството на маката Исусова

Во таинството на Велики Петок нè воведува апостол Иван. Тој истакнува четири моменти за смислата на Велики Петок: натписот на крстот, исполнувањето на писмата, предавањето ученикот на Мајката и отвореното ребро.

Во таинството на Велики Петок нè воведува апостол Иван. Во својот опис на маката тој не нагласува толку многу трпење и понижување, туку возвишеноста на Христовиот лик кој блеска и во темнината на маката и смртта. За таа цел истакнува четири моменти: натписот на крстот, исполнувањето на писмата, предавањето ученикот на Мајката и отвореното ребро.

Римскиот прокуратор наредил да се постави натпис над Исусовата глава. Тој исто така точно го одредил текстот: ИСУС НАЗАРЕЕЦОТ, ЦАР ЈУДЕЈСКИ, а веројатно и јазиците на кој требало да се напише: еврејски, латински и грчки. Малку е веројатно дека е свесен што прави, но тој со овој натпис на целиот свет ја објавил вистината за Оној Кој висел под натписот. Исус Назареецот е Цар, цар еврејски и цар на целиот свет. Да, Тој е цар, но на сосема поинаков начин од другите цареви. Тој владее од престолот кој се нарекува крст. Знак на неговата власт не е златната, туку трнова круна. Не според човечката логика, туку според логиката на љубовта. Неговото човечко достоинство на Голгота е понижено, скршено. Но, силата на љубовта е поблагородна и посилна од било каде. Овој Распнатиот и покрај сè е Цар. Тоа го пишува на еврејски, латински и грчки. Целиот свет е известен.

Писмата се исполниле. Планот кој што Отецот го имал за Исус навестен во книгите од Стариот Завет точно се исполнуваат. Таму веќе се објавени податоци за неговото зачнување (Исаија 7, 14) и за раѓањето  (Михеј 5, 1), за карактерот на неговото делување (Исаија 42, 1-4), за карактеристиките на својот народ (Исаија 49, 1-6), за спасоносното страдање (Исаија 50, 4-9; 53; Псалм 23, Псалм 70). Исус го исполнува планот на Отецот сѐ до најмалата ситница. Тој е Словото на Отецот кое стана тело. Како што во вечноста во потполност го изразува Отецот така и на земјата го исполнува секој искажан и запишан збор на Отецот.

Штом ја виде мајка Си и ученикот под крстот, Исус вели: „Жено, ете ти син“ (Ив 19, 26). Тие не се зборови од приватен, туку од месијански карактер. Овие зборови отвораат нова иднина за човештвото. Како што во рајот земски под дрвото на проклетството стоела жената грешница, така сега под дрвото на спасението стои Жената Сооткупителка. Преку Исус и Марија на Голгота се раѓа ново човештво. Марија Исусовата Мајка станува нова Ева, Мајка на новото човештво.

Прободеното ребро претставува врв на мистеријата на Голгота. Пасхалната мистерија најголемиот настан во Стариот Завет преку Исусовото отворено ребро добива конечна потврда и исполнување. Пасхалното Јагне како што слушнавме во таинствата на Велики Четврток требало да се подготви многу внимателно: ниту една коска не смее да му биде скршена, треба да истече целата крв… Токму тоа се случило со Исус: Кога војникот видел дека веќе е мртов не му ги прекршил колената (како што Римјаните обично правеле со сè уште живите осуденици кои требало да се симнат од крстот), туку со копје му го прободел реброто. Потекло крв и вода. Иван тоа го гледа и предупредува: Ова не е обична смрт! Ова е литургиска обредна жртва. Јагнето е заклано според сите прописи. Токму реброто е отворено за да истече целата крв од Жртвата.

Отвореното Христово ребро е извор на светата Тајна. Водата и крвата директно го означува Крштението и Евхаристијата, самото отворено ребро и сите други свети Тајни. Овде се наоѓа привилегирано место за средба со Изворот на спасението. Од отвореното Христово ребро се раѓа Црквата, Христовата свршеница на истиот начин како што од отвореното ребро на Адам се родила Ева. Отвореното ребро е извор за мистиката на отците и светците. Преку отвореното Христово ребро е отворен за сите нас патот кон Срцето на самиот Бог.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот