Велика Сабота: Од тишина кон радосно славење
Велика Сабота е ден на молчење и сериозност. Денес човекот се среќава со стварноста на гревот и силата на злото кои со својата разорна моќ можат да го „убијат“ и самиот Бог. Собраноста и тишината на Велика Сабота нѐ воведуваат во ноќта и во свеченото велигденско бдеење.
Врв и центар на Велигденското тродневие е токму ноќта меѓу Велика Сабота и неделата на Христовото воскресение. Таа ноќ уште од најраните времиња на христијанството била ноќ на бдеење. Свети Августин предвелигденското бдеење го нарекува „мајка на сите бдеења“.
Предвелигденското бдеење, инаку, е најбогат и најкомплексен литургиско-славенички чин во христијанската литургија. Во ова бдеење се среќаваат најдлабоките значања на нашата вера. Предвелигденското бдеење е славење на Воскресната тајна: смртта и воскресението на Исус Христос.
Самиот обред на бдеењето се состои од служба на светлото со благословот на огнот и Фалоспевот на воскресната свеќа; од службата на Словото со седум старозаветни и две новозаветни читања кои ги претставуваат клучните настани од историјата на спасението; крсната служба со литаниите на сите светии, благословот на водата, крштението на возрасните или обновување на крсните ветувања; и на самиот крај, свечена евхаристиска служба како врв на славењето.
Литургијата на Светлото е прв дел од вечерашниот обред. По древното предавање, тоа е ноќ кога верниците држат во раце запалени свеќи исчекувајќи го Христовото враќање, кога ќе дојде да ги затекне будни. Богослужбата започнува пред црквата со благослов на огнот, каде се пали воскресната свеќа. Огнот нѐ потсетува на Светиот Дух по кој Марија го зачна Исус Христос и по кој е сѐ створено (…).
Бдеењето продолжува со нешто подолга литургија на Словото, која опфаќа седум старозаветни читања, а со секое читање оди и припевен псалам и молитва. Преку библиските читања на верниците сака да им се прикаже целата историја на спасението. По старозаветните читања и „Слава“ се чити Павловото послание и евангелскиот извештај на Лука за празниот гроб.
Третиот дел од бдеењето е крсната служба, која започнува со благословот на водата на кој му претходи литанијата на Сите светии. По благословот на водата следи одрекувањето од гревот и исповедта на верата. Доколку нема кандидати за крштение, тогаш предводителот ги благословува сите присутни во знак на обновување на крсните ветувања пред Бог.
Потоа следи свечено евхаристиско славење како врв на Христовата присутност во оваа ноќ.
Велика сабота е единствен, мистериозен и тивок ден. Овој ден го симболизира неуништливоста на животот, која се одржува во средина меѓу ужасот од Велики Петок и радосниот Велигден.
Како теоретската духовност на Велика Сабота да се претвори во секојдневна? Велика Сабота се конкретизира во оној човек кој својот секојдневен живот го претворува во свој секојдневен хуман живот; во стрпливост која е подготвена да чека, во хумор кој не сфаќа сѐ трагично, во расположивост да им се даде предност на ближните, во поверение и отвореност кон ближните, во безстрашна храброст која никогаш не се предава (…).
Фра Далибор Милас/В.Н.