Велика Сабота: Земјата се обви во голем молк и осаменост
Тогаш подземјето трепереше и Адам во лицето негово се препозна самиот себе
Што се случува денес? Голема тишина на земјата, голем молк и осаменост, голема смиреност, бидејќи Царот спие. Земјата се уплашила и замолкнала, бидејќи Бог во тело заспал и ги разбудил сите починати од почетокот на светот. Бог умре во телото и го оживеа подземјето. Очигледно, најпрво го побара прародителот Адам како изгубена овца. Секако сакаше да ги посети оние кои живееа во темнината на смртната сенка. Сигурно Бог и неговиот Син сакал да го ослободи заробениот Адам, а заедно со него и заробената Ева.
Господ влезе кај него држејќи го победничкото знаме на крстот. Штом прарадителот Адам го здогледал, многу изненаден се удираше во градите и кон сите воскликнал: „Мојот Господ бил со сите.“ Христос на Адам му одговорил: „И со духот твој!“ Го фатил за раката, го подигнал и му рекол: „Разбуди се ти што спиеш! Стани од мртвите, бидејќи Христос те просветлува! Јас сум Богот твој, а заради тебе станав твој син. Заради тебе и заради овие кои се твои потомци сега им зборувам и им заповедувам на сите кои се заробени: Излезете! А на оние кои се во темнината: Нека ве осветли светлината! А на оние кои спијат: Разбудете се! А на тебе ти заповедувам: Разбуди се ти што спиеш, бидејќи не сум те создал за тоа да лежиш заробен во подземјето. Стани од мртвите. Јас сум животот на мртвите. Стани, дело на моите раце! Стани моја слико и подобие. Создаден си сличен на мене. Стани, да излеземе одовде! Ти си во мене, а јас во тебе, бидејќи сме една неразделива природа по тело.
Заради тебе јас, твојот Бог, станав твој син. Заради тебе јас, Господ, зедов обличје на слуга. Заради тебе јас кој престојувам над небото дојдов на земјата, па дури и под земјата. Заради тебе, кој си човек, станав како беспомошен човек вброен меѓу мртвите. Заради тебе кој од градината беше протеран јас во градината бев предаден на Евреите и во градината распнат.
Погледни како заради тебе лицето ми беше поплукано само за да ти го повратам оној првенствен дар на животот. Погледни како образите ми беа удирани со тупаници. Тоа го поднесов за да го обновам твоето извалкано лице според својата слика.
Погледни како ми е камшикуван грбот. Тоа го поднесов за да го ослободам товарот на твоите гревови кои го притискаат твојот грб. Погледни како рацете ми беа прицврстени за дрвото на крстот. Тоа го поднесов за тебе кој си ја испружил раката кон забранетото дрво.
Заспав на крстот и копјето ги прободе моите гради заради тебе, ти кој во градината беше заспан и од твоето ребро да биде создадена Ева. Моите ребра ги извлекоа твоите ребра. Тоа што заспав на крстот, тебе ќе те извлече од подземниот сон. Моето копје го запре оружјето вперено против тебе. Стани, да си одиме од овде! Непријателот те протера од земскиот рај. Јас нема да те вратам повеќе во тој рај, туку ќе те сместам на небесниот престол. Те оддалечи од дрвото кое на сликовит начин го претставуваше животот, но еве сега јас, кој сум Живот, се здружувам со тебе. Поставив херувими да те чуваат како слуга, а еве сега херувимите ќе ти се поклонуваат слично како на Бог.
Подготвен е херувимскиот престол, носачите подготвени чекаат, одаите се средени, јадењата подготвени, украсени се вечните шатори и живеалишта, отворени се ризниците на добрата, а царството небесно те чека уште пред создавањето на светот.
Битно.нет/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк