Пред девет години, 21 египетски христијани-Копти беа егзекутирани од Исламската држава на плажа во Либија. Сега за прв пат нивниот празник го прослави и Католичката црква.
Католичката црква за прв пат го одбележа празникот на 21. коптски маченици убиени од ИД во 2015 година.
Христијаните – членови на египетската коптска православна црква – беа убиени на плажа во Либија. Видеото од нивната егзекуција беше објавена и распространета на интернет од терористичката група.
Сите 21 мажи Коптската црква веднаш ги прогласи за маченици. Подоцна, минатиот мај, папата Фрањо ги додаде во Римската Мартирологија, официјалната листа на светци на Католичката црква.
Молитва во базиликата Свети Петар
Вечерта на 15 февруари, коптските маченици беа одбележани и од Католичката црква со екуемнска молитва во базиликата Свети Петар.
Богослужбата на која беа изложени моштите на мачениците, ја предводеше кардиналот Курт Кох, префект на Дикастеријата за единство на христијаните.
Во својата проповед, кардиналот размислуваше за концептот на „екуменизмот на крвта“ кој е толку важен за папата Фрањо, цитирајќи ја неговата изјава: „Ако непријателот нè обедини во смртта, кои сме ние да бидеме поделени во животот?“
„Заедништвото на мачениците – нагласи кардиналот Кох – несомнено зборува поелоквентно од поделбите што и денес не разделуваат.
Коптски делегати
На богослужбата присуствуваа и повеќе претставници на Коптската црква: епископот Антониос Азиз Мина, коптскиот католички епископ емеритус од Гиза; отец Тауфилос, генерален викар на Коптската православна епархија Торино-Рим; и отец Антонио Габриел, парохиски свештеник на коптската црква Света Мина во Рим.
Римскиот коптски хор, во базиликата Свети Петар го испеа тропарот:
„Блажени сте вие, маченици. Многу маки претрпевте, а морето сведочи и заслужвите венци. Без зборови се слушнаа вашите гласови и вашите гласови стигнаа до краиштата на земјата.’
По завршувањето на богослужбата за Ватикан њуз зборуваше отец Гаврил, кој признавањето на мачеништвото на коптските маченици од страна на папата Фрањо го опиша како „убав знак“ чија цел е да ги обедини христијаните.
Силата на верата
Молитвеното бдение беше проследено со проекција на филмот „21: Силата на верата“ во Ватиканската кинотеката.
Документарниот филм, во режија на француско-египетскиот режисер Самуел Армниус, со поддршка на папата Тавадрос II, поглавар на Коптската православна црква, ја раскажува приказната за коптските маченици преку серија интервјуа со членовите на нивните семејства.
Зборувајќи за Ватикан њуз, г-дин Армниус рече дека бил „длабоко трогнат“ кога првпат ги видел сликите од 21 коптски маченици.
„Јас – рече тој – имав многу, многу силна желба да се сретнам со семејствата на мачениците, да ги соберам нивните сведоштва и да дознаам што навистина се случило. Да им кажам: „Тука сме со вас, не ве заборавивме и сакаме да го однесеме вашиот глас во Европа со нас“.
Ватикан њуз/к.мк