Ватикан бара поголем надзор над новите вооружени системи

Ватикан бара поголем надзор над новите вооружени системи

На седницата на Обединетите нации за прашањето за вооружените системи, постојаниот набљудувач на Светиот Престол во Женева монс. Џон Путцер се заложи за подобар надзор и етичко размислување за новите вооружени системи кои се засноваат на вештачката интелигенција.

Државата би морала да ги следи и контролира таквите вооружени системи наместо да ги препушти на националните воени и политички интереси, истакна американецот Путцер, конкретно издвојувајќи ги т.н. смртоносни автономни вооружени системи, како што се дроновите. Монс. Путцер ја истакна неопходноста за правно обврзувачки инструменти и мораториуми за да се контолираат.

Светиот Престол остро се противи на уништувачката употреба на технологијата, секоја војна ја остава земјата во лоша состојба; војната е срамен пораз на политиката и човечноста, ги повтори монс. Путцер основните начела, додавајќи дека посебно во пандемијата е уште поважно да се стави технологијата во служба на човештвото и да се користи во мировни цели. „Технолошките истражувања треба да бидат насочени на надминувањето на реалните предизвици пред меѓународната заедница, што сигурно нема да се постигне со пронаоѓањето на уште поразвиени автономни вооружени системи, туку ставање на технологијата во служба на човекот и општото добро“, предупреди монс. Путцер.

Осврнувајќи се на вештачката интелигенција повторно го истакна ставот на Светиот Престол за потреба за основање на меѓународна организација која ќе овозможи најголем можен степен на размена на научните и технолошките информации за мировни цели и за доброто на целото човечко семејство и ќе ги загарантира правата на сите народи на учество.

Шестата ревизиска конференција на Конвенцијата за забрана или ограничување на употребата на одредено конвенционално оружје со претерани трауматски ефект или делување без оглед на целта се одржува од 13 до 17 декември во Женева. Конвенцијата на Обединетите нации е клучен инструмент на меѓународното хуманитарно право.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот