Бискупот Стојанов и надбискупот Вукшиќ служеа света Литургија во Струмица

Бискупот Стојанов и надбискупот Вукшиќ служеа света Литургија во Струмица

Во недела 20 ноември 2022 година во катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица Н.В.П. монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх во заедништво со Н.В.П. монс. Томо Вукшиќ, Врхбосанки надбискуп и Апостолски администратор на Воениот ординаријат во Босна и Херцеговина и во сослужение со свештеници од Струмичко – скопската епархија служеше света архиерејска Литургија, на која присуствуваа покрај сестрите Евхаристинки, голем верници од Струмица и околните парохии.

Светата архиерејска Литургија започна со свечена процесија, а пригодна проповед (цела проповед) одржа надбискупот Вукшиќ.

Пред тоа поздравен говор (прочитајте го целиот текст) одржа бискупот Стојанов кој поздравувајќи ги сите присутни: „Ваше Пеосвештенство, искрено Ви благодарам што во својата зафатеност најдовте време – а тоа може да најде само љубов – да ја посетите нашата Католичка црква во Македонија, каде прв евангелизатор беше апостолот на народите св. Павле, кој необично ја сакаше црквата која ја основа во Македонија – во Филипи и други градови и места од каде што потекнува и оваа наша Католичка заедница. Овој ден за нас е ден на радост и гордост“ – рече бискупот Стојанов, а потоа додаде: Ваше Преосвештенство, нека Вашето доаѓање биде благословено и секој Ваш збор нека падне на плодна почва, зашто тука свештениците, монасите, монахињите и Божјиот народ – поминувајќи низ тешка историја чувствуваат дека Божјиот плуг изорал длабоки бразди и дека сега сме плодна нива за семето на Божјото слово кое го очекуваме од Вас. Благословен е Оној кој доаѓа во името Господово – исткна монс. Стојанов.

Во проповедта надбискупот Вушиќ рече: Бог, богат со милост, поради големата Си љубов, со која нè засака (Ефесјаните 2,4), го испрати меѓу луѓето Исус Христос, кој преку своето дело, смрт и воскресение ги откупи непослушните синови и ќерки. Преку Исус на сите им понуди избавување од состојбата на грешна непослушност и ги собра во новиот Божји народ, во заедница на своите верници, која ја нарекуваме Црква. По поминувањето низ вратата на крштевањето и влегувањето во заедницата на новиот Божји народ, Бог, кој е богат со милосрдие, го прима секој христијански верник и преку Црквата му ги нуди своите Свети Тајни, кои се средство за Божји благослов и место на Божјото присуство. Така и нас, кои во дадено време преку крстот нѐ оживеја заедно со Христа, денес нѐ собра во катедралата Успение на Пресвета Богородица на ова свето Евхаристиско славење.

„Евхаристиското славење секогаш е време и место кога Исус, во вид на леб и вино, и секој пат одново, доаѓа меѓу своите ученици. Тоа исто така е и прилика кога Исус преку навестувањето на Словото Божјо повторно зборува и кога, преку толкувањето на Црквата, Светиот Дух упатува кон сета вистина, и по нивното преобраќање и прифаќање на Божјите правила, ги поддржува на вистинскиот пат и ги води во вечен живот.“

„Нашата вера и нашата надеж не се само наше дело и плод на нашите определби, желби и напори. Ниту пак нашето идно спасение. Наспроти искушението на таквото уверување и однесување, апостол Павле предупредува дека – и тоа уште еднаш нека одекне во оваа сала – „зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – Божји дар е;  не е од дела, да не би некој да се пофали“ (Ефесјаните 2,8-9). Тогаш се поставува прашањето: Што е со добрите дела на човекот? За што служат тие? И што може да направи христијанинот за своето спасение? Христијанска вистина е дека спасението на човекот е Божја благодат и дар Божји. Човекот не може да се спаси самиот себеси и не се спасува со своите дела. Но, христијанинот со своите добри дела покажува дека неговата вера е жива затоа што „верата, ако нема дела, сама по себе е мртва“ (Јаков 2,17). И никој не треба да се фали со своите дела затоа што, „ние сме Негова творба, создадени во Христа Исуса за добри дела, што Бог ги предодредил уште од порано да ги вршиме“ (Ефесјаните 2,10). Христијанинот е создаден да прави добри дела. А неговите добри дела, кои се и Божјо „создавање“ и Божји дар, докажуваат дека тој е место на Божјото присуство. Тие се продолжената рака на Божјата добрина и покажуваат дека верата на христијанинот е навистина жива. Нашите добри дела се всушност Божји дела бидејќи христијанскиот верник е Божја творба која живее и се реализира во добри дела и преку нив сведочи за Божјата љубов.“

Драги браќа и сестри, Христови верници и сите присутни свештеници! Се радувам што денес сум заедно со вас Струмица. И благодарам на Божјата промисла, по покана на вашиот владикам, што ме донесе на ова евхаристиска славење. Почитуван и драг Владика Киро, благодарам! Црквата Христова овде е присутна уште од апостолско време, бидејќи Македонија е крај чие име се чита на библиските страници. Неговиот народ веќе тогаш – да ги позајмиме зборовите на апостол Павле – оживе заедно со Христа и по благодатта е спасен (сп. Ефесјаните 2,5). Тоа беше така затоа што во Исусовото име се проповедаше преобраќање и простување на гревовите на сите народи почнувајќи од Ерусалим. Денес вие сте наследници и потомци на тоа и бидете за тоа горди сведоци (сп. Лука 24,47-48) – рече надбискупот Вукшиќ.

На крајот од светата Литургија катедралниот парох о. Спасо Ристов упати благодарни зборови.

За време на светата Литургија преше Катедралниот хор предводен од сестра Тереза Стојакова, а литургиското славење беше пренесувано преку брановите на Радио Марија.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот