Бразил: Светскиот ден на младите под заштита на Пресвета Богородица од Фатима
Рио, 15.5.2013 /к.мк/ – Архиепископот на Рио де Жанеиро, монсињор Орани Жоао Темпеста, претстојниот Светски ден на млади во Рио, од 23 до 28 јули го довери, под заштита на Пресвета Богородица од Фатима. Посветувањето беше извршено во Богородичното светилиште во Португалија, на денот во кој Црквата литургиски ја слави „Богородица од Фатима“. На церемонијата архиепископот ги довери на застапништвото на Божјата Мајка сите млади, посебно оние кои страдаат, жртвите на насилство, напуштените, невработените и емигрантите. На местото каде Дева Марија им се јави на трите пастири во Кова да Ирија, архиепископот го довери под нејзино застапништво Организациониот комитет и волонтерите кои се ангажирани во организацијата на Светскиот ден на младите. „Упатувајќи ја молитвата Светскиот ден на младите да се претвори во исклучителна можност за средба меѓу младите и Исус. Нека оваа средба ја зајакне љубовта на младите кон Исус, за да ги оформи како вистински ученици и мисионери во едно променливо општество“, посочи монсињор Темпеста. (В.Н.)