Божјата пресуда за нас е: Не сакам да умреш туку да живееш

Пред традиционалната молитва Ангел Господов – на денот кога се одбележува неговата трета годишнина од изборот за наследник на свети Петар – папата Фрањо се осврна на денешниот евангелски дел. Книжниците и фарисеите сакаат да го фатат Исус на збор доведувајќи пред него жена фатена во прељубодејство

Бог не нè приковува на нашиот грев, не нè поистоветува со злото кое сме го направиле. Сака да нè ослободи и ние истото тоа да го сакаме со него. Сака нашата слобода да се обрати од зло на добро, а тоа е можно со неговата милост – рече Светиот Отец на пладневниот наговор на 13 март.

Пред традиционалната молитва Ангел Господов – на денот кога се одбележува неговата трета годишнина од изборот за наследник на свети Петар – папата Фрањо се осврна на денешниот евангелски дел. Книжниците и фарисеите сакаат да го фатат Исус на збор доведувајќи пред него жена фатена во прељубодејство, прашувајќи го: „А Мојсеј во Законот ни заповеда: такви со камења да ги убиваме; Ти, пак што велиш?“

Замка за Исус

Ако Исус го следи остриот закон одобрувајќи каменување ќе го изгуби гласот на кротост и добрина со кои многу го восхитувал народот; ако пак сака да биде милосрден мора да оди против законот за кој тој самиот кажал дека не сака да го укине, туку да го исполни – ја објасни Папата наканата на книжниците и фарисеите.

Меѓутоа Исус не одговара, туку молчи и започнува да пишува по земја. На тој начин – рече Светиот Отец – ги повикува сите на смиреност за да не се постапува на бранот на импулсивноста и да се бара Божјата праведност. На нивното навалување конечно им вели: „Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа!“ Тој одговор ги разоружува обвинителите од видливите камења кои ги имале против жената и оној скриениот против Исус.

Прељубницата нè претставува сите нас

Колку добро ни прави свеста дека и ние сме грешници кога ги озборуваме другите… И колку добро би ни направила храброста да ги фрлиме на земја камењата кои сме ги земале против другите и да размислиме малку за сопствените гревови – рече папата Фрањо.

Доволен е Исусовиот збор и неговиот поглед полн со милосрдие и љубов за таа жена – можеби за прв пат – да почувствува дека има достоинство, дека таа не е својот грев; дека има достоинство на еден човек, дека може да го промени животот да излезе од ропството и да оди по нов пат – рече Папата.

Таа жена – продолжи – нè преставува сите нас прељубници пред Бог, предавници на неговата верност. А нејзиното искуство ја претставува Божјата волја за сите нас: не нашата осуда, туку нашето спасение преку Исус. Тој е милост кој спасува од гревовите и од смртта. Тој на земјата, во правот од кој се состои секое човечко битие, ја напишал Божјата пресуда: „Не сакам да умреш, туку да живееш.“

Секојдневно читање на Евангелието

По молитвата Ангел Господов Папата најави дека на собраните верници ќе им биде поделено џебно издание на Евангелието по Лука. Меѓу волонтерите кои го делеа препорачаното четиво од Папата имаше и неколку римјани во повозрасна доба. „Колку се заслужни бабите и дедовците кои ја пренесуваат верата на внуците“ – истакна препорачувајќи секојдневно читање по еден евангелски дел. „Така милосрдието на Отецот ќе престојува во вашето срце и ќе можете да го носите на сите кои ќе ги сретнете.“ На крајот ги поттикна верниците напамет да ги научат духовните и телесните дела на милосрдието за да им биде „полесно да ги прават.“

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот