Божиќна драма во Скопје

Во среда на 25 декември 2013 година во скопската катедралата „Пресвето Срце Исусово“ на празникот на Христовото раѓање во вечерните часови, децата и младите изведоа пригодна божиќна драма под водство на с. Марија Едит од Дружбата Мисионерки на љубовта и богословот Бошко Чатлак (Redemptoris Mater).

Музичко сценската драма се состоеше од седум сцени. Во првата сцена водителот го прочита прословот од Евангелието по Иван, кое го опишува настанот на доаѓањето на Божјото Слово по кое на светот доаѓа Светлината, а значајна улога во изведбата на драмата допринесе улогата на светлината и доаѓањето на малите ангели кои се поклонуваат и летаат во Божјата присутност. Останатите сцени многу кратко, но содржински со порака говорат за средбата на Захариј со ангелот во светилиштето за време на обредот; како ангелот ја Радосната вест на Марија; средбата со Елисавета; Цар Августин и пописот на населението; средбата на ангелот со пастирите; раѓањето Исусово во Витлеем и доаѓањето на тројцата мудреци.

На крајот на драмата сите се наоѓаат пред пештерата и заедно со сите присутни во катедралата ја испеаја божиќната песна „Радувајте се народи“.

Потоа парохот о. Давор Топиќ се заблагодари на децата и младите, како и на с. Марија Едит и богословот Бошко Чатлак со зборовите: „Со ова драма нѐ поведовте со вистината која се случила во Витлеем и ни го откривте Детето Исус. Молам и сакам секогаш со својот живот и дела да бидете оние кои ќе го покажувате Исус и ќе гледате на Него, за и сами да постанете негово светло на надежта. Затоа што светлото на христијанската надеж не смее никогаш да се изгаси, ако тоа се изгаси тогаш во човекот ќе завладее темнина.“ Исто така најави дека на празникот Свето Семејство Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов официјално ќе ја прогласи новата пасторална година за „Година на семејството“ и истакна дека децата и младите со ова драма веќе го претскажаа отворањето на новата пасторална година и тоа како „мали Исусови евангелизатори“.

Категорија: Македонија

За авторот