Божиќен пост: Додека патуваме кон Вителеем

Божиќен пост: Додека патуваме кон Вителеем

Влегуваме во периодот на Божиќниот пост или ако сакате времето за подготовка за големиот празник Рождество Христово. Овој пост е еден од четирите големи постови кои ги има Црквата, покрај Велигденскиот, Петровиот и Богородичниот. Започнува на 28 ноември, а завршува со причестувањето на Божиќната Литургија.

Постот воглавном е ‘тајна на срцето’, која единствено Господ ја знае не треба со него многу да се фалиме, затоа што Исус вели: „Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат“ (Матеј 6,16).

Овој период од 40 дена е посебно милосно време и секој христијанин треба да го искористи за продлабочување на својата вера, на заедништвото со Бог, за очистување на душата од сите лоши грешни навики.

Постот е време кога човек треба да најде мера во сѐ, да пронајде време за Бог, за себе и за ближниот. Време за Бог е потребно за да го прослави великиот Бог кој ни се дава преку Светите Тајни, посебно во светата Причест. За себе, за да го преиспитаме својот однос со Бог и ближниот. За ближниот, да погледнеме на неговите духовни и телесни потреби.

Свети Иван Златоуст вели дека телесниот пост не ни користи пост, ако не е поврзан со духовниот. „Не вели ми: Постев толку денови, не јадев ова или она, не пиев вино, одев во лоша облека. Кажи ми дали од гневен човек стана тивок, од жесток – благ. Ако одвнатре си полн со злоба, зошто ти се мачело телото“.

Во книгата Товит (12,8 – 10) ни дава корисни насоки за постот: „Добра е молитвата кога е сврзана со пост, милостиња и праведност. Подобро е малку со справедливост, отколку многу – со неправда; подобро е да правиш милостиња, отколку да собираш злато. Милостињата избавува од смрт и може да очисти од секој грев. Оние што делат милостиња и прават добри дела, ќе живеат долго на земјата; а оние што грешат – непријатели се на својот живот.“

Како верници, со божиќниот пост, започнуваме еден нов пат се подготвуваме за пат кон Витлеем, размислувајќи за љубовта Христова, која зема човечко тело за да се всели меѓу нас, да живее со нас. Додека патуваме кон Витлеем да си земеме време во овој божиќен пост за молитва, за размислувања, да ги преиспитаме нашите патишта, нашите срца, нашата љубов, нашето христијанство. Ова е време на преобраќање, на промени. „Он покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние, што се гордеат со мислите во срцата свои; ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените (Лука, 1,51-52).“ Охрабри се за да го продлабочиш животот со Христос и не плаши се Бог гледа на понизното и скрушено срце.

го*ко/к.мк

Категорија: Вера, Духовност, Колумни

За авторот