Бискупот Стојанов во Скопје се сретна со стари и болни лица

Во сабота 6 декември 2014 година на празникот Свети Никола во катедралната парохија „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје е одржана средба на Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. Киро Стојанов со стари и болни лица, на тема: „И во староста, па и кога ќе престареам, Боже не напуштај ме“ (Псалм 70,18). На средбата присуствуваа монс. Антун Циримотиќ, катедралниот парох и скопски декан дон Давор Топиќ, капеланот Јошт Мезег и околу 50 стари лица, од кои повеќето пристигнаа сами, а некои со превозот организиран од парохијата.2572_1

На почетокот парохот ги поздрави присутните, а заедничкото дружење започна со молитва и песна, а потоа продолжи со катехеза од монс. Циримотиќ, во која е истакната важноста да се живее со вера, која дава одговори на смислата за страдањето во животот на христијаните. Зборувајќи од сопствено искуство ги поттикна присутните да не потклекнуваат, туку да се потпрат на Христос.

После катехезата следуваше пауза со кафе и чај, а имаше можност за разговор и дружење. По кратката пауза учесниците се упатија во капелата Света Ана која се наоѓа во катедралата, каде дружењето го продолжија со Света Бројаница, а за тоа време свештениците беа на располагање за света Исповед.

2572_2Потоа следуваше Евхаристиското славење кое го предводеше монс. д-р Киро Стојанов во сослужение на дон Давор Топиќ. Во својата хомилија бискупот Стојанов истакна: „Денес се чувствувам почестен и радосен што можам да бидам со вас заедно на оваа средба на стари и болни од нашата парохија, а по повод Година на Семејство, преку која ја откриваме силата на Светите Тајни. Сакам да започнам со зборовите на свети Иван Павле II, кој во 1999 година обраќајки им се на стаире лице рече: ’Кога со мислите се враќаме во минатото, обидувајќи се да направиме некој биланс, тогаш тоа е сосеме примерно. Човекот е потонат во времето: во него се раѓа, живее и умира. Раѓањето означува прв датум од животот, а смртта втор, последен, а тие два дена се алфа и омега, односно почеток и крај.’ Според овие зборови на Иван Павле II животот е дар Божји, а возраста сама по себе е вредна заради животот кој се продолжува. Животот е носител на лични „дарови“, благодарејќи на наследното искуство, знаењето, поуката што ја чуваат старите. Драги браќа и сестри и во годините на својата старост доколку сакаме можеме да бидеме корисни и да подготвиме радост на младите, а за себе утеха и Божја награда, бидејќи Бог ќе ги награди нашите добри дела направени на еден од овие најмалите. Таа радост нека биде наједноставна и исполнета со милост, а тоа е кога некој духовно и молитвено ќе го подржиме во нашите скромни молитви упатени до Бог и Пресвета Дева Марија.“

За време на светата Миса бискупот Стојанов подели Света Тајна Елеопомазание на болните, на оние кои имаа потреба од неа и кои беа подготвени. По завршниот благослов дон Давор ги повика сите во салата на заедничко агапе, каде што продолжи радоста на заедништво.

Многу стари и болни лица изразија големо задоволство и благодарност за овој настан во кој преку мали знаци на внимание можеа да ја вкусат Божјата љубов и близината на Црквата во нивното трпење и осаменост, посакувајќи оваа средба да премине во традиција. Преку неуморно служење во организација на оваа средба помогнаа с. Роберта, с. Наталија и богословите Спасе Спасов и Силвер Митев.

к.мк

Категорија: Македонија

За авторот