Без молитва верата станува идеологија

Ако некој христијанин стане ученик на идеологија, ја изгубил верата – истакна Папата Фрањо на светата Литургија на 17 октомври во домот на Света Марта. Папата ги предупреди христијaните на однесувањето во стилот „клучот во џеб и затворена врата“, и истакна дека ако не молиме, ја напуштаме верата и паѓаме во идеологија и морализам.

Тешко вам, законици, што сте го однеле клучот на знаење! – Светиот Отец својата проповед ја заснова на тие Исусови зборови за кои говори денешното Евангелие. Кога одиме на улица и се најдеме пред некоја затворена црква, почувствуваме нешто чудно, бидејќи затворена црква не може да се разбере – забележа Папата и истакна дека понекогаш ги толкуваме причините за тоа, но тоа се – според зборовите на Папата – само изговори, оправдувања, а реалноста е тоа дека Црквата е затворена и луѓето кои поминуваат покрај неа, не можат да влезат. Или уште полошо, – додаде Светиот Отец – Господ кој е внатре не може да излезе.

Исус денес ни говори за таа затвореност; тоа е слика за оние христијани кои го имат клучот во рака, но го однесоа, не ја отвораат вратата. Уште повеќе, уште полошо, застануваат на вратата, и не дозволуваат влегување, а на тој начин ниту тие не влегуваат. Тоа е резултат на недостаток на христијанско сведочење, а кога тој христијанин е свештеник, епископ или папа, тогаш е уште полошо – забележа Папата Фрањо и запраша – Како е можно христијанин да се однесува така– „клучот во џеб и затворена врата“?

Верата поминува, така да се каже, преку садот за дестилација и станува идеологија. А во идеологијата го нема Исус; ја нема Неговата нежност, љубов, благост. Идеологиите се секогаш крути – напомена папата Фрањо и истакна – А кога некој христијанин ќе стане ученик на идеологија, ја изгубил верата; не е повеќе Исусов ученик, туку е ученик на таквото однесување, и мисли… Заради тоа Исус и вели: „го однесовте клучот на знаење“. Познавањето на Исус се претворило во идеолошко, и моралистичко знаење, бидејќи ја затвораат вратата на бројните прописи – рече Папата.

Тоа всушност е духовна, разумна постапка за оние кои сакаат клуч во џеб и затворена врата. Верата станува идеологија, а идеологијата плаши, ги тера луѓето, ги одделува луѓето, и ја одделува Црквата од луѓето – напомена Светиот Отец. Тоа е тешка болест – додаде – таквите идеолошки христијани. Тоа е болест, но не е нова. Апостол Иван веќе говори за тоа во своето Прво послание. Христијани кои ја губат верата и повеќе сакаат идеологија. Нивното однесување е такво бидејќи стануваат крути, моралисти, етичари, но без добрина – рече Папата и забележа дека можеме да се запрашаме: Но, зошто христијанинот станува таков? Што се случува во срцето на таквиот христијанин, на тој свештеник, на тој епископ, на тој папа, зошто станал таков?

Едноставно, – рече Светиот Отец – тој христијанин не моли. А ако недостасува молитва, секогаш ја затвораш вратата. Клучот кој ја отвара вратата на вера е молитвата – додаде Папата и предупреди – Тоа се случува кога христијанинот не моли. А неговото сведоштво е вообразено. Кој не моли тој е горделив, замислен, сигурен во себе. Не е понизен; ја бара сопствената промоција.

Напротив, кога христијанинот моли, не се одделува од верата, туку разговара со Исус – напомена Папата и истакна – Велам: кога христијанинот моли, а не кога изговара молитва, бидејќи оние праведници изговарале бројни молитви за да се покажат пред луѓето. Меѓутоа, Исус вели: „А кога молиш, влези во својата соба и помоли му се на твојот Отец во тајност, од срце“. Едно е да молиш, а друго е да изговараш молитва – истакна Светиот Отец.

Тие не молат, ја напуштат верата и се претвораат во моралистичка идеологија; каузистика без Исус. А кога некој пророк или добар христијанин ги укори, го прават истото што му го правеле на Исус: „Кога Исус излезе, фарисеите и книжниците жестоко навалија, поставувајќи му многу прашање викајќи по него за да го фатат на збор“ Тие идеолози се остри, подмолни, не се транспаренти – забележа Папата. Кутрите, со тоа луѓето се извалкани од горделивоста – напомена и поттикна – Да молиме од Господ милост да не престанеме да молиме за да не ја изгубиме верата и да останеме понизни. Така нема да станеме затворени, оние кои му го затвораат патот на Господ – рече на крајот Папата.

Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот