Апел на Папата за Ерусалим и молитва за Колумбија и жртвите од атентатот во Кабул

Апел на Папата за Ерусалим и молитва за Колумбија и жртвите од атентатот во Кабул

По молитвата Царице небесна на 9 мај 2021 година, папата Фрањо изрази посебна загриженост за зголемените тензии во Ерусалим, град со мултирелигиозен и мултикултурен идентитет и ги гарантираше неговите молитви градот да биде место на средба, а не на конфликт. Тој побара заеднички решенија. Го осуди атентатот во Кабул, во кој загинаа многу девојки и ја спомена Колумбија, каде владеат тензии и насилство.

Со посебна грижа ги следам настаните во Ерусалим – со овие зборови, по молитвата Царице небесна, папата Фрањо го сврте вниманието кон Светиот град, молејќи се тој да биде место на средба, а не на жестоки конфликти; да биде место за молитва и мир. Ги охрабрувам сите да бараат заеднички решенија, со цел да се почитува мултирелигискиот и мултикултурниот идентитет на Светиот град и со цел да преовладува братството. Доволни се конфликтите – истакна Папата.

Светиот Отец своите мисли ги насочи и кон Колумбија. Исто така, би сакал да ја искажам мојата загриженост за напнатоста и насилните конфликти во Колумбија, во кои има загинати и ранети – рече тој и истакна: Тука има многу Колумбијци, ќе молиме за вашата татковина.

Петровиот наследник повика да молиме за жртвите на терористичкиот атентат извршен вчера во Кабул. Зборувајќи за нечовечкото дело при што беа убиени многу девојки додека го напуштаа училиштето, ја гарантира својата блискост, и повика на молитва за сите нив и за нивните семејства и додаде: Бог нека му подари мир на Авганистан.

Најмалку 50 лица загинаа во експлозии во едно женско училиште во западен Кабул. Новите информации, кои се потврдени од портпаролот на Министерството за внатрешни работи, објаснува дека по првата експлозија следувале две. Ученичките исплашени од првата ненадејна експлозија побегнале од зградата, но во тој момент се случиле уште две експлозии во кои ги загубиле животите.

Експлозиите биле планирани за да има што повеќе жртви. Насилството врз жените и против образованието во Авганистан повторно расте. Во март оваа година, тројца новинари беа убиени токму затоа што беа жени; имено, екстремистите не ја толерираат идејата жените да извршуваат новинарска работа.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот