Пред молитвата Ангел Господов на 6 декември 2020 година папата Фрањо поттикна на одвојување од световноста, гревот и богатството како би се преобратиле и да го пронајдеме Бога. Говорот на Папата го пренесуваме во целост.
Евангелието од оваа недела (Марко 1,1-8) пред очи ни го става ликот и делото на Иван Крстител. Тој го покажа на своите современици патот на верата сличен на оној кој во Адвентот ни се предлага за да се подготвиме да го примиме Господ на празникот Рождество. Тој од во верата е од на преобраќање.
И што значи зборот „преобраќање“? Во Библијата значи пред сѐ да се промени насоката и правецот, значи да се промени начинот на размислување. Во моралниот и духовниот живот преобраќањето значи да се направи пресврт од зло на добро, од грев на Божјата љубов. Тоа е она што го направи Крстителот, кој во Јудејската пустина „проповедаше покајно крштавање за проштавање на гревовите“ (р. 4). Примањето на крштението бил надворешен видлив знак на преобраќање на оние кои ги слушале неговите проповеди и одлучиле да прават покори. Тоа крштевање се случувало со потопување во Јордан, во вода, но тоа било бескорисно, било само знак, било бескорисно, доколку не постоела подготвеност за покајание, за промена на животите.
Преобраќањето вклучува жалење за направените гревови, желба за ослободување од нив, одлука еднаш засекогаш да се исклучат од сопствениот живот. За да се исклучи гревот, треба да се отфрли и сè што е поврзано со него, сè што е поврзано со гревот, односно треба да се отфрли световниот дух, претераната наврзаност на удобноста, задоволството, благосостојбата, богатството. Пример за такво одвојување повторно ни доаѓа од денешното евангелие во ликот на Иван Крстител: тој човек е испосник, кој се одрекува од површноста и го бара суштинското. Ова е првиот вид на преобраќање: одвојување од гревот и световноста. Да се започне одот за одвојување од тоа.
Втор вид на преобраќање е целта на одењето, а тоа е да се бара Бог и неговото царство. Напуштањето на удобноста и световниот менталитет не е цел сама по себе, не е аскеза чија единствена цел е да се направи покајание: христијанинот не е „факир“. Тој е сосема нешто друго. Одвојувањето не е цел сама по себе, туку има за цел да постигне нешто поголемо, односно Царство Божјо, заедница со Бога, пријателство со Бога. Но, тоа не е лесно, бидејќи има многу врски што нѐ држат за гревот, па затоа не е лесно… Искушението секогаш нè повлекува надолу, а исто така и врските што нè држат за гревот, а тоа се непостојаност, обесхрабрување, злоба, штетни средини, лоши примери. Понекогаш е премногу слаб стимулот што го чувствуваме кон Господ и ни изгледа скоро како да Бог молчи; неговите ветувања за утеха ни изгледаат далечни и нереални, како и сликата за грижлив и спремен пастир, која пред очи ни го става денешното читање од книгата на пророкот Исаија (сп. Исаија 40, 1-11). И тогаш сме во искушение да кажеме дека навистина е невозможно да се преобратиме. Колку пати сме почувствувале вакво обесхрабрување? „Не, не можам да го сторам тоа! Почнувам нешто и потоа се враќам назад“. И тоа е лошо. Но, тоа е можно, можно е. Кога ќе ти дојде помислата да се откажеш, не останувај на тоа, затоа што тоа е жив песок, тоа е жив песок: жив песок на живот во просечност. Тоа е просечноста.
Што може да се направи во такви случаи, кога поединец би сакал да оди, но чувствува дека нема да успее? Пред сè, треба да се потсети дека преобраќањето е благодат: никој не може да се преобрати со сопствени сили. Тоа е милост, која ти ја дава Господ и затоа треба силно да се молиш за неа, да го молиш Бога да те преобрати, затоа што навистина можеме да се преобратиме до таа мера со која ќе се отвориме за Божјата убавина, добрина, нежност. Помислете на Божјата нежност. Бог не е некој грд татко, зол татко, не е. Тој е нежен, многу нè сака, како добар Пастир кој ја бара последната овца од своето стадо. Тој е љубов, а преобраќањето е Божја милост. Појдете на пат, бидејќи Тој те придвижува да одиш на пат и ќе видиш дека Тој ќе дојде. Моли, оди и секогаш ќе правиш чекор напред.
Пресвета Богородица, која задутре ќе ја славиме како Безгрешна, нека ни помогне сѐ повеќе да се одвојуваме од гревот и световноста и да се отвориме за Бога, неговото Слово и неговата љубов што води кон нов живот и спасува.
Ватикан њуз/к.мк