Ангел Господов: Она што е вистинско, што е чесно, што е праведно нека биде предмет на нашето ангажирање
Во сите времиња, оние кои имаат власт во Божјиот народ може да бидат искушувани да служат на сопствените, наместо на Божјите интереси – рече папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов на 4 октомври 2020 година на плоштадот Свети Петар. Говорот на папата фрањо го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Во денешното Евангелие (сп. Матеј 21,33-43) Исус, предвидувајќи ја својата мака и смрт, ја кажува параболата за лозарите, како би ги опоменал првосвештениците и старешините народни, кои само што не кренале по погрешен пат. Тие, имено имале лоши намери кон него и бараат начин како да го отстранат.
Алегориската парабола го опишува домаќинот, кој откако трудољубиво се погрижил за своето лозје (сп. р. 33) пред да појде на пат го доверува на лозарите. Потоа, во времето на жетва, ги праќа слугите да го приберат родот, но лозарите ги претепале, а некои дури ги убиле. Господарот испраќа други слуги, побројни, а тие исто така постапиле и со нив (сп. р. 34-36). Параболата го достигнува својот врв кога господарот одлучува да го испрати својот син: лозарите не го почитуваат, туку напротив мислат дека ако го отстранат ќе го приграбат наследството негово, па така го убиваат (сп. р. 37-39).
Сликата за лозјето е јасна: го преставува народот кој Господ го избра и го воспитува со голема грижливост; слугите кои господарот ги испраќа се пророците, испратените од Бога, додека синот е слика за Исус. И како што беа отфрлени пророците, така и Христос е отфрлен и убиен.
На крајот од параболата Исус ги прашува старешините народни: А кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?« (р. 40). А тие водејќи се од логиката на приказната, искажуваат сопствена осуда и одговараат: Господарот злочинците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари, што ќе му ги даваат плодовите навреме.« (р. 41).
Со оваа многу остра парабола Исус своите соговорници ги соочува со нивната одговорност и тоа го прави многу јасно. Но да не мислиме дека оваа опомена се однесува само на оние кои го отфрлиле Исус во тоа време. Таа важи и за сите времиња, па така и за ова нашето. И денес Бог очекува плодови од своето лозје од оние кои ги прати да работат во него. А тоа сме сите ние.
Во секое време оние кои имаат авторитет, било каков авторитет, дури и во Црквата, во Божјиот народ може да паднат во искушение и да се водат од сопствените, а не од Божјите интереси. А Исус вели дека вистинската власт е во служењето, а не во искористување на другите. Лозјето припаѓа на Господ, а не на нас. Власта е служење и како таква мора да се врши за доброто на сите и за ширење на евангелието. Грдо е да се види кога луѓето имаат власт во Црквата и ги бараат сопствените интереси.
Свети Павле во второто читање од денешната Литургија, ни зборува дека треба да бидеме добри работници во лозјето Господово: она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете! (сп. Филипјаните 4, 8). Повторувам: она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете! Тоа е став на авторитет, а исто така и на секој од нас, затоа што секој од нас има одреден авторитет, па колку и да е мал. На тој начин ќе станеме Црква која е сѐ побогата со плодови за светост, ќе даваме слава на Отецот кој нѐ љуби со бескрајна нежност, Синот кој продолжува да ни нуди спасение, Духот, кој го отвора нашето срце и нѐ поттикнува кон полнота на добрата.
Да се обратиме сега на Пресвета Марија, духовно поврзани со верниците собрани во светилиштето Помпеја на молитва, а во месецот октомври да ја обновиме обврската да молиме Света Бројаница.
Ватикан њуз/к.мк