Во обраќањето за време на молитвата Ангел Господов на 31 октомври 2021 година Светиот Отец зборуваше за слушањето и коментирајќи ги читањата од неделната Литургија истакна дека Словото Божјо не може да се прими како каква било вест од хрониките; имено, треба да се повторува и да се направи свое и да се чува.
Папата Фрањо во пладневното обраќање во последната недела од октомври, ја истакна важноста на повторувањето. И книжникот повторува во делот од Марковото евангелие што го слушнавме на денешната Литургија. Откако го слушна Исусовиот одговор, освен што признава дека е точен, тој ги повторува речиси истите зборови кажани од Исус – рече Папата.
Привидната баналност на повторувањето на зборовите е потребно неизбришливо да се утврди она што нè учи Христос. Бог не бара вешти коментатори на Светото Писмо, туку срце кое е способно да го живее Словото – објасни тој. Словото Господово не може да се прими како каква било вест; треба да се повторува, да се направи свое, да се чува. Монашката традиција, забележа Папата, користи храбар, но многу конкретен израз: Божјото Слово треба да се „изџвака“.
Словото го храни секое подрачје од нашиот живот со тоа што нè доближува до царството Божјо, но за да се случи тоа треба да оддекнува во нас. Можеме да кажеме дека е толку многу хранливо, поради што мора да ја покрие секоја област од животот; мора да го опфати, како што вели Исус денес, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила. Мора да оддекнува, да одѕвонува во нас. Кога постои тоа внатрешно ехо, тоа значи дека Господ престојува во срцето. И ни вели, како оној паметниот книжник од Евангелието: „Не си далеку од царството Божјо!“.
Ете зошто не е доволно само да разбереме дека треба да го сакаме Бога и ближниот. Исто како што читањето на Евангелието не е исто што и доброто познавање. Многу е важно добро да го запознаете Евангелието, да го имате секогаш при рака, да го читате и повторно да го читате, да се воодушевите од него. Кога го правиме тоа, Исус, Словото на Отецот, влегува во нашите срца, станува близок со нас и ние донесуваме плод во Него.
Така и Евангелието од денешната литургија, не е доволно да го прочитаме и да разбереме дека треба да го сакаме Бога и ближниот. Имено, папата Фрањо не охрабрува да станеме жив, поинаков и оригинален превод на единственото Слово на љубовта што ни го дава Бог. Потребно е оваа „голема заповед“ да одекне во нас, да ја усвоиме, да стане глас на нашата совест. На тој начин нема да биде мртво слово, бидејќи Светиот Дух дозволува семето на тоа Слово да никне во нас. А Словото Божјо делува, живо е и делотворно – истакна Папата и обраќањето го заврши со поттик во облик на прашање.
Да се запрашаме, дали оваа заповед го насочува мојот живот? Дали се одржува во мојот секојдневен живот? – рече и на крајот посоветува – Добро ќе ни биде вечерва, пред да заспиеме, да направиме тест на совеста за тоа Слово, да видиме дали денес сме го засакале Господа и дали им дадовме малку добро на оние со кои се сретнавме.
Ватикан њуз/к.м