Азиските дигитални мисионери повикани да го претворат влијанието во христијанско сведоштво

Азиските дигитални мисионери повикани да го претворат влијанието во христијанско сведоштво

Првото Азиско католичко собрание на дигитални мисионери заврши во Манила, откако собра повеќе од 100 комуникатори и креатори на содржини, со цел да се зајакне соработката и да се развие заедничка визија за дигитална евангелизација.

Повеќе од 100 католички дигитални мисионери, комуникатори, креатори на содржини и верски инфлуенсери од цела Азија го завршија четиридневниот собир посветен на преобразување на онлајн влијанието во автентично христијанско сведоштво.

Првиот Азиски католички собир на дигитални мисионери се одржа од 10 до 13 септември во кампусот на Радио Веритас Азија во Кезон Сити, Филипини.

Организиран под мотото „Од влијателни лица до сведоци: синодален пат за дигитална мисија во Азија“, собирот црпеше вдахновение од зборовите на апостолите: „Не можеме да не зборуваме за она што го виделе и чуле“ (Дела 4,20).

Собранието ги охрабри учесниците да одат подалеку од едноставно производство на онлајн содржини и да станат сведоци вкоренети во заедништвото и во мисионерската димензија на верата. Истовремено, беше поттикната формација и заедничка визија за дигитална евангелизација низ целиот континент.

Настанот беше заеднички организиран од Канцеларијата за социјална комуникација на Федерацијата на азиските епископски конференции (FABC-OSC) и Радио Веритас Азија, во партнерство со ватиканската Дикастерија за комуникација преку мрежата „Fully Present“.

Папата Лав XIV испрати порака потпишана од кардиналот државен секретар Пјетро Паролин, охрабрувајќи ги учесниците да растат „како автентични сведоци на Исус Христос во својата дигитална содржина“.

На настанот присуствуваше и Наташа Говекар, директорка на Теолошко-пасторалниот оддел на Дикастеријата за комуникација.

Надбискупот Гилберт Гарсера од Липа, претседател на Конференцијата на католичките епископи на Филипините, ја одржа проповедта на воведната света Литургија.

„Го носиме Исус не така што ќе викаме над Азија, туку така што ќе ѝ се приближиме на Азија, ќе ги слушаме нејзините луѓе, ќе одиме со нашиот народ, ќе му служиме и нежно ќе направиме љубовта на Исус да се слушне и да се доживее“, рече надбискупот Гарсера.

Вистински сведоци на Христос

Во своето воведно обраќање, епископот Марселино Антонио „Џуни“ Маралит Помладиот, претседател на Канцеларијата за социјална комуникација на FABC, рече дека Црквата мора да препознае дека луѓето веќе живеат, бараат смисла и создаваат односи во дигиталните простори.

„Дигиталните автопати чекаат“, им рече тој на учесниците, истакнувајќи дека Црквата веќе е присутна во дигиталниот простор. Затоа, според него, прашањето е со каква Црква ќе се сретнат луѓето преку интернет.

Епископот Маралит истакна пет неопходни премини: од содржина кон средба, од публика кон заедници, од виралност кон верност, од конкуренција кон соработка и од влијание кон сведоштво.

„Социјалните медиуми се предјадење; Евхаристијата е целта“, рече тој.

Градење мостови онлајн

Кардиналот Пабло Вирџилио Давид, епископ на Калукан, претседаваше со завршната света Литургија на собранието во неделата.

Размислувајќи за евангелскиот повик на простување, тој предупреди дека интернетот може да поврзе милиони луѓе, а сепак да ги остави осамени. Истовремено, додаде тој, алгоритмите можат да ги соберат корисниците во групи, но и да ги поделат во непријателски табори.

„Кога другите шират гнев, одговорете храбро“, рече тој. „Кога другите шират презир, одговорете достоинствено. Кога другите ја затвораат вратата, бидете мост.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот