Јубилејна аудиенција: Милосрдие и мисија

Конкретен знак дека навистина сме го сретнале Исус е радоста која ја доживуваме кога го соопштуваме на другите. И тоа не е „прозелитизам“, тоа е дарување. „Јас ти го подарувам она што на мене ми даде радост – објасни Папата на првата јубилејна катехеза во Вонредната света година на милосрдието.

Папата Фрањо на 30 јануари на плоштадот Свети Петар ја одржа првата јубилејна аудиенција во текот на Вонредната света година на тема „Милосрдие и мисија“. Светиот Отец поттикна на влез во Јубилејот на милосрдието, премин преку Светата врата и средба со Господ и покрај нашите недостатоци и недоследности. Никогаш да не се измориме од чувството на потреба за Неговото простување. Кога сме слаби неговата близина нè прави силни и ни овозможува со поголема радост да ја живееме верата – рече Папата.

Во катехезата ја истакна тесната поврзаност на милосрдието и мисијата. Потсети на зборовите на свети Иван Павле II од енцикликата Dives in misericordia: „Црквата живее веродостојно кога го исповедува и навестува милосрдието и ги приведува луѓето до изворите на милосрдието“. Како христијани – рече папата Фрањо – имаме одговорност да бидеме мисионери на Евангелието. Кога ќе примиме убава вест или кога ќе доживееме нешто убаво, природно е да чувствуваме потреба тоа да го споделиме со другите. Чувствуваме дека не можеме да ја задржиме таа радост кое ни е дарувана, туку сакаме да ја прошириме. Радоста која сме ја доживеале нè поттикнува да ја пренесуваме. Истото треба да биде кога ќе го сретнеме Господ.

Конкретен знак дека навистина сме го сретнале Исус е радоста која ја доживуваме кога го соопштуваме на другите. И тоа не е „прозелитизам“, тоа е дарување. „Јас ти го подарувам она што на мене ми даде радост“ – објасни папата. Истакна дека во Евангелието гледаме дека тоа било и искуството на првите ученици: по првата средба со Исус. Андреј веднаш заминува кај својот брат Петар, а истата работа ја прави и Филип со Натанаел. Да се сретне Исус – рече – значи да се сретне Неговата љубов.

Таа љубов нè преобразува и ни овозможува на другите да им ја пренесеме силата која ни е подарена. На некој начин би можеле да кажеме дека на денот на Крштението, на секој од нас му е дадено име, покрај името што ни го дале родителите, дадено ни е и името „Христофор“, што значи „носител на Христа“ – Христоносец“. Тоа е името на нашиот став, став на носители на Христовата радост, на неговото милосрдие. Секој христијанин е „Христофор“, односно ностел на Христос – рече Папата.

Милосрдието кое го примаме од Отецот не ни е дадено како приватна утеха, туку нè прави средства за да можат и другите да станат учесници на истиот дар – продолжи Светиот Отец. Ја истакна „неверојатната циркулација“ помеѓу милосрдието и мисијата: живеењето на милосрдието нè прави мисионери на милосрдието. Од друга страна тоа што сме мисионери на милосрдието ни овозможува сѐ повеќе да растеме во Божјото милосрдие.

Сериозно да го сфатиме своето христијанство и да настојуваме да живееме како верници затоа што само така Евангелието може да допре до човековото срце и да го отвори за примање на милостите на љубовта, за примање на Божјото големо милосрдие кое прифаќа сè – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот