Христијаните треба сериозно да ја сфатат својата вера
Сите христијани се повикани да одат по патот на посветувањето, не може да се биде „делумни христијанин“ – истакна папата Фрањо во четврток 24 октомври на проповед за време на светата Литургија во капелата на домот Света Марта, додавајќи дека во христијанскиот живот постои „пред и после“ Исус, дека Христос во нас создава „друго создание“ кое мораме да го усовршуваме со својот живот.
За состојбата пред и после крштението говореше Светиот Отец коментрирајќи го делот од Посланието на свети Павле до Римјаните, кое говори за нашето откупување. Тоа што е „пред“ свети Павле го смета за сметиште, а тоа што е „после“ го смета за ново создание и ни го покажува патот на живеење по таа логика на „пред и после“.
Во Христос сме повторно создадени. Тоа што Христос го направи во нас е ново создание. Крвата Христова повторно не создаде. Тоа всушност е друга состојба. Пред крштението, нашиот живот, нашето тело, душата и нашите обичаи се на патот на гревот, на патот на неоправданоста, после новото создание мораме да бараме да одиме по патот на праведноста, посветувањето. Користете го овој збор: светост. Сите сме крстени: во тој момент во наше име – бидејќи сме биле деца – нашите родители го направиле чинот на верата: „Верувам во Исус Христос“, Кој ни ги прости гревовите. Верувам во Исус Христос – објасни Светиот Отец.
Верата во Исус Христос мораме „повторно да ја прифатиме“ и да ја зајакнуваме со својот начин на живот. Да живееш како христијанин значи да ја зајакнуваш верата во Христос, во повторното создание, а со верата да правиш и дела кои се раѓаат од вера, дела на посветување. Треба да го усовршуваме посветувањето кое сме го примиле на крштението – рече папата Фрањо. Навистина, слаби сме, често грешиме, не сме совршени… А тоа се случува на патот на посветувањето? Чекор напред, чекор назад. Животот ми е таков, верувам во Исус Христос, но живеам како што сакам. Не, тоа не е посветување; така не може! Тоа е бесмислица. Но ако кажеш: „Грешник сум, слаб сум,“ и секогаш одиш и на Господ му кажуваш: „Господи ти си силен, дај ми сила! Ти можеш да ме излекуваш“. Тогаш сме на вистинскиот пат – објасни Папата.
Пред чинот на верата, пред прифаќањето на Исус Христос Кој повторно не создаде – продолжи Светиот Отец – бевме на патот на неправедноста. По прифаќањето на Христос, тргнавме по патот на праведноста, но тој пат мораме сериозно да го сфатиме, да правиме дела на праведноста, едноставни дела: да му се поклонуваме на Бог: Бог е секогаш прв! А потоа прави тоа што Исус го советува: помагај им на другите. Така правел Исус во својот живот: дела на праведност, дела на повторно создавање. Кога ќе нахраниме гладен во него ја обновуваме надежта, а така е и со другите. Ако ја прифаќаме верата, а не живееме по верата тогаш сме несвесни христијани – рече Светиот Отец. Без свест за состојбата „пред и после“ чинот на верата за кое што ни говори свети Павле, нашето христијанство никому не му служи, лицемерно е. Се нарекувам христијанин, а живеам како поганин. За таквите понекогаш се вели дека се „делумни христијани“ бидејќи не ја сфаќаат сериозно својата вера. Свети сме, оправдани, посветени со Крвта Христва, треба да го прифатиме тоа посветување и да го усовршуваме, а не несериозно да го сфаќаме. Млаките христијани велат и да и не. Таквите се, како што говореа нашите мајки разводнети христијани или нешто слично. Тие се горди на христијанството, катехезата, но вистинското преобраќање не е во тоа, им недостига уверување на свети Павле: Сѐ оставив и се сметам за сметиште само за да го добијам Христос и да бидам со Него – истакна папата додавајќи: Така вели свети Павле, а тоа треба да биде уверување на секој христијанин.
Треба да го отстраниме она што нѐ одделува од Исус Христос и да направиме сѐ ново: сѐ е ново во Христос. Може тоа да се направи, го направил тоа свети Павле и многу христијани: не само светците кои ги познаваме, туку и непознати, сите оние кои сериозно ја живеат христијанскта вера. Денес можеме да се запрашаме, сакам ли сериозно да го живеам христијанството, сакам ли да го усовршувам своето повторно создание? Да го молиме свети Павле да ни испроси милост за да бидеме сериозни христијани, цврсто да веруваме дека сме посвети со Крвата на Исус Христос – заклучи Светиот Отец.
Д.И.