Хомилија на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов на Божиќната света архиерејска Литургија во Струмица
(Хомилија – Струмица, 2014)
Драги браќа и сестри – Секој Божик е голем настан во нашиот живот. Фала на Бога што е така. Било би жалосно ако христијаните би се среќавале само на Божик за да го одржат обичајот или да извршат некој си литургиски ритуал (чин), сеќавање на нешто што одамна поминало, а не би доживеале нешто што денес се случува. Еден побожен свештеник ја започнува полноќната служба со овие зборови: Што дојдовте денес да видите? Што дојдовме вечерва во толку голем број? Не е денес Божик, не е Рождество Христово, освен ако дојдовте затоа ДА ХРИСТОС СЕ РОДИ ВО ВАС. Божик е само за оние кои се подготвени да се променат и да се сретнат со Христос. Беше тоа, ми зборува тој свештеник, прекрасен вовед во св. Литургијата, во Црквата настана совршена тишина, а луѓето висински се запрашаа зошто дошле.
Драги верници, ние знаеме зошто дојдовме: во нашите срца, во нашите семејства, одѕвонува радосно божиќната песна: Види Боже таинство во бедната пештера и кој трпи понизно на оваа тврда слама, ова Таинство чуј го, чуј и кон јасли пристапи, пристапи. Дојдовме да му се поклониме на тоа големо Божјо таинство и да му пристапиме на Исус кој вечерва во оваа литургија се раѓа и на нашиот олтар. Дојдовме радосно да се сретнеме со оној кого Бог ни го дарува, а Дева Марија ни го предаде. Но, драги верници, треба да во своите души створиме такво расположение да навистина го препознаеме таинството и се сретнеме со Христос.
Што се случува? Бог од секогаш е оној кој неизмерно го љуби човекот. Прво што во срцето го прашуваме: Боже што најде толку убаво во човекот да го поставиш нешто помалку од ангелите и толку многу го засака. И како да ослушуваме одговор што пророкот го запиша: Дете ни се роди и Син ни е даруван. Ве сакам заради тоа, вели Бог, што ве создадов од љубов и на своја слика. Ве сакам затоа што ве испратив во живот на земјата да во името на сиот создаден свет ме славите мене, својот Отец, и да прославите сè што е создадено, а сè е создадено за вас. Ве сакам затоа што сум Бог верен, бидејќи вас желно сакам да ве имам како свое наследство во својата вечност со сите ангели и сета небеска заедница. Ние одговараме, Боже, ние за тоа не сме достојни. Толку пати сме заведени, толку пати те изневеривме и лутавме по кривите и забранети патишта. Толку пати ти го свртевме грбот. Толку пати бевме уморни, толку пати ти приговаравме. Каква е таа судбина што не снајде. Каков тоа горчлив живот ни подели и се буневме против тебе. Бевме бунтовни, непослушни, неверни. Но, драги верници, Бог во вистинскиот божиќен настан ни одговара: Да, драги мои синови и ќерки, гледам и чувствувам колку се вашите лутања, барања, какви се вашите криви патишта, знам колку сте непослушни на моите пророци и посланици и колку пати сте непослушни кон моето слово. И сега го гледам секое срце овде и знам што го мачи и знам колку е верно или неверно и затоа не сакам да ви говорам ни по пророците ни по словото туку го испратив својот Син единец – љубимец – да го примите и да биде со вас и ваш Спасител. На вашето неверство јас одговарам со дар што единствено го имам, а тоа е мојот возљубен Син. Денес Него ви го дарувам. Еден свештеник ми зборуваше колку страдал како млад од многу искушенија и дека помалку му досадил на својот духовник со постојаните прашања и барања решенија. Конечно тој духовник му рекол отприлика вака: гледај што имаш, зарем сето тоа не ти е дадено од Бога. На крајот и покрај сите твои слабости ти го даруваше и својот единствен Син да ти биде Спасител и твој сопатник. Што уште сакаш од Бога кога ти даде сè што има, а Тој има само едно: себе ти се даде преку Исус Христос. Значи, Бог не е далеку од тебе, дури не е ни пред тебе, туку е во тебе, пронајди го во себе.
Драги верници, тоа е Божиќното таинство, тоа е тоа Таинство кое го славиме – Таинство на неискажаната Божја љубов – не ни испрати повеќе ни пророци ни навестители туку сам дојде. Тоа што нас на Божик не буни и можеби не го разбираме е начинот на кој тој дојде. Очекувавме можеби да Бог, влегувајќи во историјата, влезе спектакуларно, триумфално, опкружен со ангелите и архангелите и да избере најубаво место, најубав крај, најубава земја, најубава палата и најбогатите околности кои се достојни за Бога. Сепак, Тој влезе во нашата историја таинствено, дури исфрлен надвор од нечистото и мало гратче Витлеем во поле, во штала. Тој си избра стан и се откажа од тоа на што има право секој човек: покрив над главата. Ниту кревет не бараше, прифати тврда слама и повторно нашето срце се чуди дури и се буни: Боже дојди погледај овде во Струмица секој од нас има поубава соба за тебе и покомотно лежиште одошто што е шталата и сламата. Но, Тој во таинството ни одговара дека нашол нешто поубаво што ние всушност не слутиме, а тоа е: ја нашол Марија од Назарет како место на своето овоплотување, го најде царскиот град Витлеем како место на своето раѓање, го најде Јосиф како најблизок старател на неговиот живот и нему не е важно ни богатството, ни сјајот, ни моќта, најважно му е тоа што носи Марија, што има Јосиф, што имаат Витлеемските пастири, а тоа е: топлото човечко срце
Драги верници, второ таинство на кое треба да се замислиме е таинството на човечкото срце. Во една прилика Исус рекол: сè што правиме добро или лошо започнува во нашите срца. Не се најважни околностите во кои живееме туку е најважна совеста според која ние живееме. Најважно е срце кое е чесно и меко, чувствително и полно со љубов. За Бога најважен е човекот во целина, а тој човек има душа, дух и тело, но тоа што го прави човек е неговата внатрешност, неговото срце, неговата совест со еден збор човек кој е сличен на Бога. НАЈВАЖНО Е ШТО БОГ СЕ ДАДЕ СЕБЕСИ ВО НАС. Тоа е таинството на нашето срце со кое треба сите да соработуваме со неговата милост бидејќи само со таков живот препознаваме и признаваме дека Бог ни е Отец. Ако тоа е вистина, а така е, тогаш можеме да разбереме зошто сме вечерва радосни. Што мислите? Зошто? Затоа што се препознаваме како браќа и сестри, Божји синови и ќерки, а Христос го препознаваме како свој брат. Се радуваме што е така малечок, немоќен и што има потреба од нашата помош за да ние го прифатиме, примиме, понесеме и да помогнеме да во нашиот живот во нашето семејство Исус израсне. Затоа сме, драги браќа и сестри, пред јаслите понизно наведнати и загледани во тоа таинство на Христовото рождество, бидејќи дојде и ни се дарува. Тоа дарување од нас бара и промени. Промена на менталитетот на христијанскиот живот. Христијанинот не може да биде човек кој едно говори а друго прави. Кој едно исповеда а подоцна тоа го гази. Дојде времето кога вистинскиот христијанин – божиќниот христијанин – треба да биде Витлеемска пештера, која го прима и прифаќа Христос. Мора да биде Марија која на другите го дарува. Мора да биде Јосиф кој за Него се грижи. За Исус? Не, туку за човекот, зашто тој Исус рече: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле (Мт 25,40). Затоа Божик е толку голем празник, празник на среќавање, бидејќи не поврзува, а Бог цврсто не прегрнува, но заедно, како браќа и сестри. Затоа Божик е празник на божественото таинство но и на човековото заедништво. Бог ја искажа својата љубов, но со право очекува да биде прифатена и возвратена. Возвратена на Бога преку човекот. Затоа ве повикувам на ова таинство чуј го чуј и кон јасли пристапи, пристапи. За нас јаслите се школа каде на Божик се учиме да го празнуваме Божик.
Во оваа св. Евхаристија со такво срце и таква душа да го прифатиме и да го понесеме да живее со нас и за нас нашиот Емануел – Бог со нас, нашиот Бог. Амин. Христос се роди!