Собор на светите дванаесет Апостоли

Собор на светите дванаесет Апостоли

Посланието до Ефесјаните ни ја претставува Црквата како една конструкција изградена „врз темелите на апостолите и на пророците, имајќи го како аголен камен на темелот самиот Исус Христос“ (2, 20). Во Откровението улогата на Апостолите, а поконкретно на Дванаесетте, е разјаснета во есхатолошката перспектива на небесниот Ерусалим, претставен како еден град чиј ѕидови имаат дванаесет темели, врз кои стојат имињата на дванаесетте апостоли на Агнецот“ (21, 14). Евангелијата се согласни во известувањето дека повикот на апостолите ги обележа првите чекори на Исусовата служба, откако бил крстен од Крстителот во водите на Јордан.

Според раскажувањето на Евангелистите Марко (1, 16-20) и Матеј (4, 18-22), сцената на повикот на првите Апостоли е Галилејското езеро. Исус штотуку го беше почнал проповедувањето за Царството Божјо, кога неговиот поглед застанал на двата пара браќа: Симон и Андреј, Јаков и Иван. Тие биле рибари, зафатени со нивната секојдневна работа. Фрлаат мрежи, ги поправаат. Но едно друго рибарење ги чека. Исус со одлучност ги повикува и тие со спремност го следат: сепак тие ќе станаат „рибари на луѓе“ (сп. Мк 1, 17; Мт 4, 19). Лука, иако следејќи ја истата традиција, има поразработен расказ (5, 1-11). Тој го покажува патот на верата на првите ученици, прецизирајќи дека повикот за да го следат стигнува до нив откако пред тоа ја слушнале првата Исусова проповед и откако ги виделе првите чудесни знаци што ги направил. Особено, чудесниот улов го сочинува непосредниот контекст и им го нуди симболот за мисијата како рибари на луѓе, доверена на нив. Судбината на овие „повикани“, од сега па понатаму, ќе биде тесно поврзана со онаа на Исус. Апостолот е еден пратеник, но пред тоа, тој е еден „експерт“ за Исус.

Овој аспект е поевидентен кај евангелистот Иван уште пред првата средба на Исуса со идните Апостоли. Овде сценариото е поинакво. Средбата се одвива на брегот на Јордан. Присуството на идните ученици, кои дошле и тие, како и Исус, од Галилеја за да го живеат искуството на крштевањето спроведено од страна на Иван Крстител, го осветлил нивниот духовен свет. Беа луѓе во исчекување на Царството Божјо, желни за да го запознаат Месијата, чие доаѓање било најавено како неминовно. Доволна им била индикацијата на Иван Крстител покажувајќи во Исус дека Тој е Јагнето Божјо (сп. Ив 1, 36), за да би се јавила во нив желбата за лична средба со Учителот. (…)

Каде ќе бидат испратени Апостолите? Во Евангелието Исус се чини дека својата мисија ја ограничува само на Израилот: „Јас сум пратен само при загубените овци на домот Израилев“ (Мт 15, 24). На сличен начин се чини дека им ја пренесува доверената мисија на дванаесетте: „Тие дванаесет души ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: ‘По пат кон незнабошци не одете и во самаријански град не влегувајте; а одете највеќе при загубените овци на Израилевиот дом’“ (Мт 10, 5-6). Една модерна критика од рационалистичка инспирација во овие изрази го виде недостатокот од универзалната свест на Назареецот. Всушност, тоа треба да се разбере во контекст на неговиот посебен однос со Израилот, заедницата со која има склучено сојуз, во континуитет на историјата на спасението. (…)

Така, Дванаесетте, собрани да учествуваат во истата Исусова мисија, соработуваат со пастирот на последните времиња, одејќи кај загубените овци од домот Израилев, т.е. обраќајќи се до ветениот народ да го соберат, чие собирање е знак за спасението на сите народи, почеток на универзалноста на Сојузот. Далеку од противречноста за отворање на универзалноста на месијанското делување на Назареецот, почетното ограничување само на Израилот за Неговата мисијата и онаа на Дванаесетте на тој начин станува најефикасен пророчки знак. По страданието и воскресението Христово овој знак ќе биде уште појасен: универзалниот карактер за мисијата на Апостолите ќе стане експлицитен.

Христос ќе ги испрати Апостолите „во целиот свет“ (Мк 16, 15), кај „сите народи“ (Мт 28, 19; Лк 24, 47), „дури до крајот на земјата“ (Дела 1, 8). И оваа мисија продолжува. Продолжува секогаш Господовиот мандат да се соберат народите во единството на неговат љубов. Оваа е нашата надеж и ова е исто така нашиот мандат: да придонесеме за оваа универзалност, на ова вистинско единство во богатството на културите, во заедништво со нашиот вистински Господ Исус Христос.

Бенедикт XVI, Генерална Аудиенција на 22 март 2006 год.

З.А.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот