Слово на животот – септември 2016
„Сè е ваше; вие, пак, сте Христови, а Христос – Божји.“ (1 Кор 3, 22-23)
Се наоѓаме во христијанската заедница во Коринт, жива заедница полна со иницијативи, заедница која одвнатре ја анимираат групи кои ги предводат харизматични водачи. Тоа предизвикува напнатости меѓу личностите и групите, поделби, култ на личноста и желба за истакнување. Павле решително интервенира, потсетувајќи ги сите дека покрај богатството и разновидноста на даровите и на водачите, во заедницата постои нешто многу подлабоко што ги поврзува во единство, а тоа е припадноста на Бога.
Уште еднаш оддекнува големата христијанска порака: Бог е со нас, ние не сме беспомошни, сирачиња препуштени сами на себе, туку Негови деца, Негови сме. Како вистински татко кој е загрижен за секој од нас, за да не ни недостасува ништо што е потребно за наше добро. Уште повеќе, изобилува во љубовта и во дарувањето: „Сè е ваше – вели Павле – дали светот, или животот, или смртта, или сегашното, или идното: сè е ваше.“ Дури ни го дарува и својот Син Исус.
Каква ли е таа огромна доверба што Бог ја има и што сè ставил во наши раце! Колку пати само сме ги злоупотребиле неговите дарби! Мислевме дека сме господари на сè што е создадено, сè дотаму што го крадевме и земавме; дека сме господари на нашите браќа и сестри, сè дотаму што ги поробувавме и убивавме; дека сме господари на нашиот живот уништувајќи го во самодоволноста и деградацијата.
Огромниот дар Божји изразен во зборовите „сè е ваше“, бара благодарност. Ние често се жалиме дека нешто немаме и му се обраќаме на Бога тоа да го добиеме. Зошто не погледнеме околу себе и не го откриеме сето она што е добро и убаво и што нè опкружува? Зошто не му кажеме на Бог благодарам за она што секојдевно ни го дарува?
Зборовите „сè е ваше“ содржат и одговорност. Бараат од нас грижа, нежност, грижа за она што ни е доверено: целиот свет и сите човечки суштества; истата грижа со која Исус се грижи за нас („вие сте Христови“) и со која Отецот се грижи за Исус („Христос е Божји“).
Мораме да знаеме да се радуваме со оние кои се радуваат и да плачеме со оние кои плачат, подготвени да го слушнеме секој крик, да почувствуваме поделба, болка, насилство, како нешто што на нас ни припаѓа да го поделиме тоа, за да се претвориме во љубов. Сè ни е дарувано за тоа да го пренесеме на Христос, полнотата на животот, на Бога, т.е. на крајната цел, давајќи му го на секое нешто и на секоја личност нејзиното достоинство и најдлабоко значење.
Еден ден, во летото 1949 година Кјара Лубик почувствувала силно единство со Христос и се почувствувала врзана со Него како свршеница со Свршеник. Започнала да размислува за миразот кој треба да му го однесе како дар и сфатила дека сето тоа мора да биде создадено! Од своја страна, Тој ќе и го донесе во наследство целиот рај. Потоа се сетила на зборовите од псалмот: „И побарај од Мане, и ќе Ти ги дадам народите во Твое наследство, и краиштата на земјата – во Твоја власт.“ Поверувавме и побаравме. Ни даде сѐ за ние да му принесеме сè, а Тој нам ќе ни го дарува Небото: ние нему создаденото, Тој нам несоздаденото.“
Говорејќи ни за Движењето кое го основала и во кое се преиспитувала самата себе, Кјара Лубик пред крајот на својот живот напишала: „Која е мојата последна желба во овој момент? Би сакала Марииното Дело (Движењето на фоколарите), на крајот на времето кога еднодушно ќе чекаме да се појави пред Исус напуштениот и воскреснатиот, ќе може да ги повтори зборовите на францускиот теолог Жак Лекрерк кои секогаш ме допираат: „… Во оној ден, о, Боже мој, ќе дојдам кај Тебе… Ќе Ти дојдам, мој Боже (….) да те сретнам со мојот најлуд сон: да ти го донесам светот в раце.“
Фабио Чијарди
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк