„А знаеме дека на оние што го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сѐ им содејствува за добро“ (Рим 8,28)
Овој месец ја предлагаме за живот реченицата земена од посланието на Апостол Павле до Римјаните. Тој го напиша ова долго четиво, богато со размислувања и поуки, пред да замине за Рим, подготвувајќи се да ја посети заедницата која што сѐ уште не ја познавал лично.
Осмото поглавје посебно го нагласува новиот живот во Духот и ветувањето за вечен живот, кој што ги чека поединците, народите и целиот универзум.
„А знаеме дека на оние што го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сѐ им содејствува за добро“
Секој збор во оваа реченица е богат со значење.
Павле тврди дека пред сѐ како христијани, ја запознавме Божјата љубов и свесни сме дека секое човечко искуство е дел од Божјиот голем спасоносен план.
Сѐ – вели Павле – придонесува за реализација на овој план: страдањата, прогонствата, личните неуспеси и слабости, но пред сѐ дејствувањето на Божјиот Дух во срцата на оние кои што Го прифаќаат.
Духот сѐ уште ги собира и зема на себе плачот на човештвото и на сето создание[1], и ова е гаранција дека Божјиот план ќе се исполни.
Од наша страна, потребно е активно да одговориме на оваа љубов со својата љубов, доверувајќи му се на Отецот во секоја потреба и сведочејќи ја надежта во ново небо и нова земја[2], која Тој ја подготвува за оние што веруваат во Него.
„А знаеме дека на оние што го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сѐ им содејствува за добро“
Како тогаш да го прифатиме овој силен предлог во нашиот секојдневен личен живот?
Кјара Лјубик ни предложува: „Пред сѐ, ние никогаш не смееме да застанеме само на надворешниот, материјалниот, профаниот аспект, туку да веруваме дека секој настан е порака со која Бог ни ја изразува својата љубов. Тогаш ќе видиме дека животот е всушност поинаков: како ткаенина на чиј грб гледаме само лошо испреплетени нишки и јазли, а на нашите лица чудесна слика што љубовта Божја ја ткае врз темелите на нашата вера.
Ние мора да се предадеме со доверба и целосно на таа љубов во секој момент, како во малите така и во големите нешта. Освен тоа, ако знаеме да и веруваме на Божјата љубов во обични ситуации, Тој ќе ни даде сила да веруваме во Него дури и во најтешките моменти, како што се големи искушенија, болести, па дури и самата смрт. Затоа, да се обидеме да живееме така. Се разбира, не од интерес, не за Бог да ни ги открие своите планови и да ни даде утеха, туку само од љубов. Тогаш ќе видиме како оваа доверба е извор на светлина и бескраен мир за нас и за многу други[3]“.
Да му веруваме на Бог во тешки избори, како што направи О.Л. од Гватемала. Еве ја нејзината приказна: „Работев како готвачка во пензионерски дом. Одејќи по ходникот, слушнав како една старица бара вода. Со ризик да го прекршам правилото што ми забранува да излезам од кујната, со љубов ѝ подадов чаша вода. Очите на старицата ѝ светнаа. Откако испи половина чаша, ми ја стегна раката: ‘Остани со мене уште десет минути!’ Ѝ објаснив дека не смеам, дека ми се заканува отказ. Но, тој поглед! Останав. Таа ме замоли заедно да измолиме еден Оче наш. На крајот рече: Отпејте нешто, Ве молам’. Се сетив на песната: „Нема да земеме ништо со нас, само љубов“. Останатите штитеници од домот гледаа во нас. Жената беше среќна и ми рече: ‘Господ да те благослови, ќерко моја’. Таа почина набргу после тоа. Сепак добив отказ затоа што излегов од кујната. На моето далечно семејство му е потребна помош, но јас сум смирена и среќна. Се одзвав на Божјиот повик и таа жена не беше сама додека го правеше најважниот чекор во нејзиниот живот“.
Летиција Магри