Слово за живот – јули 2016
„Еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа.” (Ефес 4,32)
Нема ништо поубаво од она кога некој ќе каже: „Те сакам”. Кога некој нè сака не се чувствуваме сами, чекориме со сигурност, можеме да се соочиме со потешкотии и со критични ситуации. Ако љубовта стане взаемна, надежта и самодовербата се зајакнуваат, се чувствуваме заштитени. Сите знаеме дека за правилно растење, децата треба да бидат опкружени со љубов, некој треба да ги сака. Но, тоа важи за секоја возраст. Затоа „Словото за живот“ нè повикува едни со други да бидеме милосрдни, односно да се љубиме едни со други и како пример за тоа ни го дава самиот Бог.
Токму Неговиот пример нè потсетува дека љубовта не е само чувство; таа е многу конкретна и многу бара, а значи да му се посакува добро на другиот. Бог во Исус им стана близок на болните и на сиромашните, почувствувал сочувство кон мнозинството, бил милосрден со грешниците, им простил на оние кои го распнале. Да му се посакува добро на другиот и за нас значи тој да се сослуша, да му се искаже искрено внимание, радостите и искушенијата да се споделуваат со него, да се покаже грижа за него, да се биде придружба на неговиот пат. Ближниот не ми е странец, туку брат или сестра кои ми припаѓаат, на кои сакам да им бидам на располагање. Се случува сосема спротивното кога во ближниот гледаме соперник, конкуренција, непријател, до степен да му посакуваме зло, да сакаме да го скршиме, дури и да го уништиме, како што за жал секојдневно слушаме во вестите. Можеби тоа не го правиме, но зарем не ни се случува да собираме лутина, недоверба, непријателство, или едноставно рамнодушност и незаинтересираност кон луѓето кои нас нè повредиле или ни се антипатични личности кои не припаѓаат на нашиот општествен круг?
„Словото за живот“ нè учи да си сакаме добро едни на други, значи да одиме по патот на милосрдието, подготвени да простиме секогаш кога некој ќе погреши. Кјара Лубик во врска со тоа ќе изјави дека на почетоците од нејзината нова христијанска заедница, а со цел остварување на Христовата заповед, склучила сојуз на взаемна љубов со своите први следбеници.
И покрај тоа, на почетокот на таа група на девојки не секогаш им било лесно коренито да живеат во љубов. „Иако нè исполнуваше посебен дар Божји, бевме исти како и останатите луѓе. Така и меѓу нас, меѓу нашите односи, знаеше да се вовлече “прашина“, а единството слабееше. На пример, тоа се случуваше кога станувавме свесни за недостатоците, за несовршеностите на едни и на други па кое доведуваше до меѓусебна осуда, па струјата на взаемната љубов се ладеше. За да реагираме на таквата ситуација, еден ден решивме да склучиме меѓусебен сојуз кој го нарековме сојуз на милосрдието. Решивме секое утро, сите ближни кои ги среќаваме – во фоколарот, во училиштето, таму каде што работиме – да ги гледаме како нови, целосно нови, без да се сеќаваме на нивните недостатоци, и сè да покриеме со љубов. Тоа значеше да се доближиме до сите со целосна амнестија во срцето, со сеопшто простување. Сите заедно ја преземавме таа голема обврска. Таа ни помагаше секогаш да бидеме први во љубовта, по примерот на милосрдниот Бог кој простува и заборава.”
Сојуз на милосрдието! Не е ли тоа начинот да растеме во милосрдноста?
к.мк/Фабио Чијарди
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк