Сите сме повикани на светост
Млакоста многу ретко се спомнува, најверојатно затоа што на сите така им е полесно. Полесно е да не се зборува за нешто за кое се чувствувамо виновни, заради кое што ни е непријатно. Полесно е секогаш да работиш онака како што сме навикнати. Полесно е да живееш во незнаење и да туркаш понатаму по свое. Најлесно е да ги затвориш очите пред сопствените грешки. Но тоа секогаш не е исправно. Млакоста од нас прави досадни, безлични луѓе и католици. Се претвораме во луѓе од хартија. Површни сме и пред себе си ставаме ниски човечки цели. Млакиот човек самиот себе се уверува дека е добар човек. Имено, тој не краде, не лаже, никого не навредил, оди во недела на црква, дава милостиња. Но, проблемот не е во тоа. Проблемот е што тој ист човек, ти и јас, не знае да даде, да се подари себе на другите, не знае да пофали друг, да каже убав збор, никого не развеселил, никому не му се насмевнал, иако можел.
Се ограничуваме да го правиме само на она што сме обврзани и не се подмрднуваме од мртвата точка. Се чуваме од тешките гревови, а лесните секогаш одново ги повторуваме без желба да растеме во светоста.
Го заборавивме Исусовиот повик. Заборавивме дека сите нè повика да бидеме апостоли, работници. Со тоа сигурно Тој мислел на свештениците и чесните сестри си велиме на себе си. Тие треба да ја сведочат и да ја живеат верата. И онака ништо друго не работат. Ние сме премногу зафатени, Исус сигурно тоа од нас не го очекува. Ќе молиме ние за свештениците да бидат добри работници во жетвата, но ние навистина не стигнуваме уште и за тоа. Но, што може да биде поважно од тоа?! Да бидеш Христов апостол, работник во неговата жетва! Да придобиеш души за Христа! Тоа е и нашата цел – посланието на Црквата.
Ние, јас и ти повикани сме да Го навестуваме и живееме Исус во секојдневието и да Го повикаме во сè што правиме, да го бараме во сè неговиот благослов. Сè што правиме треба да му го принесеме. Тој мора да стане главен и составен дел од нашиот живот. Мораме со Него да се сообразиме за да можат луѓето во нас да Го препознаат. И не, не мораме, а и не можеме целиот ден да го поминеме во црквата. Ние сме повикани да одиме во светот и да ја живееме својата вера таму каде што Тој нè поставува. Токму како што нè учи свети Хосе Марија Ескрива: „Погледни и човечки гледано добро е да не добиеш сè на готово без пречки. Нешто па и многу мораш ти да направиш. Инаку како ќе успееш да станеш свет?“
Секој од нас е повикан да биде Христов сведок. Сите сме повикани да бидеме свети. Можеби никој до сега не ви го кажал и може да ви звучи невозможно, но вистина е. Најпосле Црквата е света, католичка и апостолска, па затоа и ние самите што сме католици и апостоли сме потенцијални светци. Со крштението во нас е посадено зрното на светоста од кое треба да порасне прекрасно стебло. Затоа со занемарувањето на тоа зрно би ја занемариле и својата вера која секоја недела на светата Литургија ја исповедуваме. Затоа не смееме да кажеме: „Не е светоста за мене“ или „јас никогаш не би можел да бидам свет, премногу грешев“ или нешто слично. Сите светци грешеле, апсолутно сите. Некои дури пред преобраќањето ги прогонувале христијаните, палеле цркви… Цариниците и грешниците Го следеле Исуса и Го слушале додека фарисеите и книжниците го прогонувале. Во Исусовите очи никој од нас не е изгубен, се до последниот момент. Луѓето не се раѓаат свети, свет човек се станува! Исто така никој за себе не може да каже: „Е сега сум свет!“ Патот на светоста трае во целиот наш живот, никогаш не престанува. Може да има краток или долг застој, но тој потоа продолжува. И ако сè уште не сме трнати тогаш ова е најдоброто време за тоа.
Марија Василиј/Гласник мира/к.мк/Д.И.