Синодата расправаше за мешаните бракови
На десетото Генерално собрание на Синодата се расправаше за мешаните бракови, кои се чести во Азија и Африка, и претставуваат предизвик за Црквата.
Истакната е потребата од грижа од страна на католичката страна, која неретко се присилува да се обрати на ислам. Станало збор и за полигамистите кои се покрстуваат и сакаат да се причестат. Некои од оците предложиле на месните Цркви да им се даде поголема автономија во решавањето на овие прашања.
Важана тема на која се дискутираше беше блискоста кон младите и поуката за убавината на светотаинскииот брак кој би бил како мост меѓу нивните идеали и стварноста. Истакнато е дека веридбата за бракот претставува она што е семинаријата за свештенството, затоа што и во двата случаја е потребна добра подготовка, која започнува со катехетска поука уште во детството.
Истакната е важноста од позитивен пристап кон брачната сексуалност, која е поврзана со одговорно родителство: пренесувањето и отвореноста кон животот е одговорност за двајцата сопружници, како што е и воспитувањето и грижата за децата кога тие се болни или се наоѓаат во потешкотии.
На темата, пак, за разведените кои се во нов цивилен брак и нивниот пристап на света причест, од една страна е истакната непроменливоста на науката на Црквата за неразрешливост на бракот, а од друга страна е нагласена потребата од пасторално сочувство, кое не значи прилагодување на канонското право на некои поединечни желби туку помагање на тие лица да учествуваат во црковниот живот. Предложено е тие лица да се вклучат во еден постепен, покорнички пат кој на крајот ќе води до помирување и преобраќање. Но таквиот покорнички пат мора да биде вистински, а не само номинален.
Станало збор и за пасторалната придружба на ранетите семејства и притоа е нагласено дека пастирите на прво место се „духовни оци“, а не „академски професори“.
Во однос на Мото проприо на Папата кое се однесува на реформата на процесот за прогласување на непостоење на брак, изразена е надежта дека службениците во црковните судови ќе имаат не само академска, туку и духовна подготовка, за да можат зрело и способно да ја извршуваат својата задача.
РВ/В.Н.