Порака на папата Фрањо за 108. Светски ден на мигранти и бегалци – 25 септември 2022

Порака на папата Фрањо за 108. Светски ден на мигранти и бегалци – 25 септември 2022

Градење на иднината со мигрантите и бегалците

„Овде немаме постојан град, туку го очекуваме оној што ќе дојде“ (Евреите 13,14)

Драги браќа и сестри!

Крајната смисла на нашето овоземско „патување“ е потрага по вистинската татковина, Царството Божје, кое го воспотавил Исус Христос, кое целосно ќе се оствари кога Тој повторно ќе се врати во славата. Неговото Царство сѐ уште не е остварено, но веќе е присутно кај оние кои го примиле спасението. «Царството Божјо е во нас. Иако сеуште е есхатолошко, сеуште е иднината на светот, на човештвото, во исто време се наоѓа во нас».[1]

Идниот град е „град со цврсти основи, чиј градител и творец е самиот Бог“  (Евреите 11,10). Неговиот проект вклучува интензивна градежна работа во која сите ние мора да се чувствуваме лично вклучени. Станува збор за трудољубива работа на личното преобраќање и преобразба на реалноста, за да одговараме уште повеќе на Божјиот план. Исторските драми нѐ потсетуваат на тоа колку сме уште далеку од постигнувањето на на нашата цел, Новиот Ерусалим, «Божјиот шатор меѓу луѓето» (Откровение 21,3). Но заради тоа не смееме да ослабнеме во духот. Во светлината на тоа што сме го научиле во неволјите од последните времиња, повикани сме да ја обновиме нашата заложба за градење на иднина која повеќе ќе одговара на Божјиот план, во градењето на свет каде сите ќе можат да живеат во мир и достоинство.

„Ние очекуваме ново небо и нова земја, на кое ќе се всели правда“ (2 Петрово. 3,13). Правдата е една од конститутивните елементи во Божјето Царство. Во секојдневната потрага по Неговата волја, таа мора да се гради со трпение, со пожртвуваност и со решителност, со цел сите оние кои се гладни и жедни за правда, да се наситат (сп. Матеј 5,6). Правдата на Царството мора да се сфати како остварување на божествениот ред, на Неговиот хармоничен план, каде во умрениот и воскреснат Христос, целото создание повторно станува „добро“, а човештвото „многу добро“ (сп. 1.Мојсеева 1,1-31). Но, за да завладее оваа прекрасна хармонија, мора да го прифатиме Христовото спасение, неговото Евангелие на љубовта, со цел да се отстранат нееднаквостите и дискриминацијата во овој свет.

Никој не смее да биде исклучен. Неговиот план е во својата суштина инклузивен и во центар ги става жителите од егзистенцијалните периферии. Меѓу нив има многу мигранти и бегалци, раселени лица и жртви од трговијата со луѓе. Божјето царство се гради со нив, бидејќи без нив тоа не би било Царство какво што Бог го сака. Вклучувањето на најзагрозените лица е неопходен услов за да се добие потполно државјанство. Затоа Господ вели: «Дојдете, благословени од Мојот Отец, наследете го во наследство царството, подготвено за вас од почетокот на светот. Зашто гладен бев и Ми дадовте да јадам, жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте, необлечен бев и Ме облековте, болен и Ме посетивте, во затвор бев и дојдовте кај Мене (Матеј. 25, 34-36).

Да се гради иднината со мигрантите и со бегалците исто така значи да се препознае и да се вреднува она со кое секој од нив може да придонесе во процесот на градењето. Ми се допаѓа да го перцепирам пристапто на миграцискиот феномен според пророчката визија на Исаија, во која странците не се претставени како освојувачи и уништувачи, туку како доброволни работници кои ги обновуваат зидовите на новиот Ерусалим, Ерусалим отворен за сите народи (сп. Исаија 60,10-11).

Во истото пророштво доаѓањето на странците е претставено како извор на збогатување; «Богатството на морето ќе потече кон тебе, имотот на народите ќе дојде кај тебе» (Исаија 60,5). Всушност, историјата нѐ учи дека придонесот на мигрантите и бегалците е темел за општествениот и економски раст во нашите општества. А така е и денес. Нивната работа, нивниот капацитет на пожртвуваност, нивната младост и нивниот ентузијазам ги збогатуваат заедниците кои ги прифаќаат. Но овој придонес би можел да биде многу поголем доколку е вреднуван и поддржуван преку целни програми. Станува збор за огромен потенцијал, кој е подготвен да се изрази, доколку му се пружи можност.

Жителите на новиот Ерусалим – Исаија го продолжува своето пророштво – секогаш ги држаат ширум отворени портите на градот, за да можат да влезат странците со нивните дарови: «Твоите порти секогаш ќе бидат отворени, нема да се затворат ни дење, ни ноќе, за да принесува кај тебе имотот на народите» (Исаија 60,11). Присуството на мигрантите и бегалците претставува голем предизвик, но исто така и можност за културен и духовен раст на сите. Благодарение на нив имаме можност подобро да го запознаеме светот и убавината на неговата различност. Можеме да созрееме како луѓе и заедно да изградиме едно поголемо „ние“. Во меѓусебната отвореност се создаваат простори за плодоносно споредување помеѓу различните визии и традиции, кои го отвараат умот за нови перспективи. Исто така го откриваме и богатството содржано во религиите и духовноста, кои се за нас непознати, а тоа нѐ поттикнува да ги продлабочуваме нашите сопствени убедувања.

Во Ерусалим на народите, храмот Господов е уште поубав од приносите кои доаѓаат од туѓи земји: «Сите кедарски стада ќе бидат собрани кај тебе, овните на невајотски ќе ти послужат, ќе излеат на жртвеникот Мој како благоугодна жртва, а Јас ќе го прославам домот на Мојата слава.» (Исаија 60,7). Во таа перспектива, доаѓањето на католичките мигранти и бегалци дава нова енергија во црковниот живот на заедниците кои ги прифаќаат. Тие често се носители на ревитализирачка динамика и се аниматори на нашите живописни прослави. Споделувањето на различни изрази на вера и побожност претставува привилегирана можност за потполно да се живее соборноста на Божјиот народ.

Драги браќа и сестри, а особено вие, младите! Ако сакаме да соработуваме со нашиот небесен Отец во градењето на иднината, да го направиме тоа заедно со нашите браќа и сестри, мигранти и бегалци. Да ја изградиме денес! Бидејќи иднината почнува денес и почнува од секого од нас. Не можеме на идните генерации да им ја оставиме одговорноста за одлуки кои се неопходни да се донесат сега, за да може да се оствари Божјиот план за светот и да дојде неговото Царство на правдата, братството и мирот.

Молитва

Господи, направи нѐ носители на надеж,

Та таму каде има темнина, да завладее твојата светлина,

И таму каде има безволие, да се роди доверба за иднината.

Господи, направи нѐ средство на твојата правда,

Та таму каде има исклученост, да процвета братство,

И таму каде има алчност, да просперира споделување со другите,

Господи, направи нѐ градители на Твоето Царство,

Заедно со мигрантите и бегалците

И сите жители на периферијата.

Господи, дај да научиме колку е убаво

Да живееме сите како браќа и сестри. Амин

Рим, Свети Иван Латерански, 9 мај 2022

Папа Фрањо

[1] Свети Иван Павле II., Говор за време на посетата во Римската парохија Свети Фрањо Асишки и Катерина Сиенска, Патрони на Италија, 26 ноември 1989.

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот